Линкови за пристапност

Оланд: Кукавичкото убиство е акт на тероризам


Полицијата приведе и сослуша тројца членови на семејството на напаѓачот кој беше убиен во нападот

Белгиецот кој се бараше во врска со терористичкиот напад во Шанзелизе во Париз им се предаде на властите во Антверп.

Белгиски обвинител денеска кажа дека „лице доцна синоќа се пријавило во полицијата откако се видело себеси на социјалните медиуми како осомничен терорист број еден". Повеќе информации за осомничениот и за неговата поврзаност со нападот засега не се достапни.

Организацијата Исламска држава, која ја презеде одговорноста преку својата новинска агенција, го идентификуваше напаѓачот како „Абу Јусеф Белгиецот“, нарекувајќи го „еден од борците на Исламската држава“. Париската полиција соопшти дека убиениот напаѓач е идентификуван, но тие не го објавија неговото име и не кажаа дали тој соработувал со Исламската држава.

Полицијата приведе и сослуша тројца членови на семејството на напаѓачот кој беше убиен во нападот.

Шанзелизе, најпознатиот булевар во Париз се враќа во нормала, откако вооружен напаѓач уби еден полицаец и повреди уште две други лица.

Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека тој е убеден дека „кукавичкото убиство“ било чин на тероризам.

Тој денеска го повика францускиот Совет за безбедност и неговите можни наследници во претседателската кампања да разговараат дали и како нападот може да влијае на изборите.

Десничарската популистичка претседателска кандидатка, Марин Ле Пен, во радио интервју кажа дека „Франција повторно го видела варваризмот од терористичкиот напад, и тоа во срцето на нашиот главен град“.

Кандидатот на политичкиот центар Емануел Макрон, ја повика земјата да не се „предаде на стравот“. Тој откажа два собира по вчерашниот инцидент.

Потпретседателот на САД Мајк Пенс, кој се наоѓа во посета на Џакарта, кажа дека нападот во Париз бил последен потсетник дека терористите можат да нападнат секаде и во секое време. Тој рече дека САД нема да попуштат во напорите за ставање крај на тероризмот.

Во Вашингтон, претседател Доналд Трамп испрати сочувство до францускиот народ. Тој нападот го нарече „грозоморен“ и рече дека тоа е уште еден пример за тоа дека овој вид на насилство „никогаш не завршува“.

Франција во недела гласа, и се очекува неизвесен исход на претседателските избори. Земјата се` уште ги чувствува последиците од серијата смртоносни терористички напади изминативе две години, во кои загинаа преку 200 лица.

(Кенет Шварц, Ферн Робинсон)

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG