Вооружено лице држи неколку заложници во кошер-супермаркет во Париз. Во исто време, француските сили за безбедност прават обрач во гратче северно од францускиот главен град, кадешто се забарикадирани двајцата осомничени за нападот во сатиричниот магазин Шарли ебдо и држат залоник.
Полициски претставник соопшти дека напаѓачот од супермаркетот е 32-годишниот Амеди Кулабали. За него се верува дека е истиот којшто вчера смртно застрела полицајка јужно од Париз. Властите исто така се во потрага по негова наводна помошничка, идентификувана како Хајет Бумдиен. Полициски извори го поврзуваат Кулабали со Шериф и Саид Куачи, браќата осомничени за убиството на 12 лица во Шарли ебдо средата.
Француските сили за безбедност наведуваат дека се во контакт со браќата коишто држат најмалку еден заложник. Тие се забарикадирани во гратчето Дамартан-ан-Гел, на 40 километри североисточно од Париз. Браќата наводно и` соопштиле на полицијата дека се подготвени да умрат како маченици. Градоначалникот на малото место недалеку од Меѓународниот аеродром Шарл де Гол ги повика жителите да останат дома додека прелетуваат хеликоптери и доаѓаат се` повеќе полициски и пожарникарски возила.
Францускиот министер за внатрешни работи Бернар Казенев потврди дека во тек е операција за фаќање на осомничените. Тој ова го изјави веднаш по итниот состанок со претседателот, премиерот и полициски претставници.
Над 88.000 полицајци и припадници на специјалните сили трагаат по браќата Куачи по нападот во Шарли ебдо, магазинот познат по карикатурите насочени кон сите вери, меѓу нив и исламот. Третиот осомничен за нападот, 18-годишниот Мурад Хамид се предаде на полицијата средата навечер, но засега не е јасна неговата врска со браќата.
Поголемиот дел од светот оддава почит на убиените во нападот, 10 новинари и двајца полицајци. Вчера, на доѓдливо време, парижаните со моливи и пенкала во рацете во чест на загинатите ја поддржаа слободата на изразувањето.
Советот за безбедност на ОН ја започна вчерашната седница со минута молчење.
Американскиот претседател Барак Обама се потпиша во Книгата на жалост во Амбасадата на Франција во Вашингтон, наведувајќи дека убиствата се кукавички и зол чин.