Линкови за пристапност

Макрон бара стратешко партнерство со Кина


Францускиот претседател Емануел Макрон, изјави дека Кина и Европа треба да работат заеднички на иницијативата „Еден пат, еден појас“, проект којшто има за цел изградба на модерниот „Пат на свилата“, за кој Макрон вели дека не може да биде „еднонасочен“.

Во говорот пред бизнисмени, академици и студенти во градот Ксиан, источната точка на стариот пат, Макрон рече дека „Патот на свилата“ „никогаш не бил само кинески“, додавајќи дека „по дефиниција, овие патишта може да бидат споделени, ако не се еднонасочни“.

Проектот „Еден пат, еден појас“ беше презентиран во 2013-та година, и има за цел копнено и поморско поврзување на Кина со Југоисточна Азија, Пакистан, Централна Азија и пошироко со Блискиот Исток, Европа и Африка.

Кинескиот претседател Ши Џинпинг на Самит во мај, вети 124 милијарди долари за проектот „Нов пат на свилата“, но ова предизвика сомнеж во западните престолнини кои повеќе гледаат намера за проширување на кинеското влијание, отколку план на Пекинг да шири просперитет.

По тридневната посета на Ксиан, Макрон и неговата делегација од околу 60 бизнисмени и официјални претставници ќе отпатува во главниот град на Кина.

Макрон планира Пекинг да побара „стратешко партнерство“ за голем број прашања, вклучувајќи ги и тероризмот и климатските промени, и да ја направи Кина сојузник во спроведувањето на Парискиот договор за климатски промени, особено по повлекувањето на САД од него.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG