Францускиот претседател Франсоа Оланд го посети местото на настанот во центарот на Париз кусо време по вооружениот напад врз сатиричниот неделник Шарли Ебдо.
Оланд подвлече дека во тек е потерница за да се откријат сторителите и да се изведат пред правдата. Франција е во шок, изјави нејзиниот лидер, нарекувајќи го инцидентот терористички напад.
Полицијата и сведоците велат дека маскирани вооружени лица упаднале во канцелариите на весникот во среда наутро, отвориле оган и веднаш избегале. Во инцидентот наводно се убиени и двајца полицајци.
Новинар од новинска агенција лоцирана спроти зградата на Шарлие Ебдо, ја опиша сцената за француското радио. Кажа дека повеќето од истрелите биле испукани од пушки од типот Калашников. Тој потоа забележал двајца вооружени и маскирани лица, како ја напуштаат зградата. Потоа слушнал викање и пукотници на улицата, а полицијата и службите за итна помош пристигнале неколку минути подоцна.
Жена од соседството на весникот изјави дека лице влегло во нејзината зграда прашувајќи за Шарли Ебдо, зборувајќи неправилен француски. Кусо време потоа жената слушнала истрели. Објавени се и извештаи дека напаѓачите рекле оти целта на актот била одмазда за пророкот Мухамед.
Канцелариите на Шарли Ебдо беа нападнати и во 2011-та откако во еден од неделниците муслиманскиот пророк бил исмејуван во карикатури.
Муслиманите го осудија неделникот за подоцнежното објавување на серија вулгарни карикатури на пророкот. Денешниот инцидент се совпаѓа со објавувањето на контроверзна книга за муслиманите во Франција. Шарли Ебдо во денешното издание на на насловната страница ја претставува токму оваа книга.