Линкови за пристапност

Обвинетелите тврдат Лубиц планирал самоубиство


Копилотот на Германвингс неколку дена пред да го урне авионот, на Интернет пребарувал начини за самоубиство

Германските обвинители соопштија дека копилотот, за кого постои сомнение дека намерно го урнал авионот на Германвингс во француските Алпи, неколку дена пред несреќата на Интернет пребарувал информации за самоубиство и за безбедноста на пилотската кабина.

Во соопштението на обвинителите се наведува дека до оваа информација дошле откако од домот на 27-годишниот Андреас Лубиц го земале неговиот лаптоп комјутер, каде можело да се види што точно го интересирало кополотот конкретно меѓу 13-ти и 23-ти март.

Според истрагата, Лубиц ја заклучил пилотската кабина, во моментот кога пилотот Патрик Сондајмер пошол во тоалет и тоа еден час по полетувањето на авионот од Барцелона. Веднаш потоа Лубиц намерно почнал да го спушта авионот, во меѓувреме не дозволувајќи му на пилотот да влезе во кабината. Сето ова можело да се слушне од снимките на едната од таканаречените „црни кутии“ пронајдена неколку часа по несреќата.

Во меѓувреме, пронајдена е и втората „црна кутија“, каде се наоѓаат сите клучни технички информации од речиси секој инструмент на авионот, што може да обезбеди податоци за случувањата непосредно пред неговото уривање.

Додека бил на обука за летање во 2009-та, Лубиц на надлежни лица од Луфтханза, авиокомпанијата-сопственик на Германвингс, им посочил дека имал „сериозна депресивна епизода“, но Луфтханза сепак му дала зелено светло да лета.

Во несреќата на авионот Ербас А320, на релација Барцелона - Дизелдорф, загинаа сите 150 лица.

XS
SM
MD
LG