Линкови за пристапност

Инцидент пред Форт Мид – едно лице загина


Полицијата отворила оган во обид да спречи возило без одобрение да влезе во армискиот комплекс каде што е лоцирана НСА

Едно лице загинало, а две се повредени кога федералната полиција денес отворила оган во обид да спречи возило без одобрение да влезе во армиски комплекс близу Вашингтон.

Агенцијата за национална безбедност (НСА) соопшти дека полицајците истрелале кон автомобил со двајца мажи, преоблечени како жени, откако возачот забрзал кон полициски автомобил којшто ја обезбедувал базата Форт Мид, каде што е седиштето на Агенцијата.

Едно од лицата во возилото починало на самото место. Другото е пренесно во болница во близина, исто како и еден од полицајците којшто завршил со полесни повреди.

На медиумските снимки направени од хеликоптер можеше да се видат две оштетени возила во близина на портирницата. Едното од нив е со ознаки на НСА.

Претставник на Федералното истражно биро, коешто раководи со истрагата, за Гласот на Америка наведе дека не верува дека инцидентот е поврзан со тероризам.

Портпарол на Белата куќа соопшти дека претседателот Барак Обама бил информиран за ситуацијата.

НСА, којашто е столбот на американската разузнавачка програма, е лоцирана во армиската база Форт Мид во сојузната држава Мериленд, на 40-тина километри од Вашингтон. Базата е дом на неколку агенции на федералната влада, меѓу нив и на Агенцијата за одбранбени информатички системи и Американската кибернетска команда. Околу 29.000 цивили и 11.000 армиски припадници работат во базата, според Интернет-страницата на Форт Мид.

XS
SM
MD
LG