Линкови за пристапност

Најмалку четворица мртви во пукотница во армиска база во САД


Меѓу загинатите е и напаѓачот, војник, кој се самоубил.

Најмалку четири лица загинаа, а меѓу нив и напаѓачот, во пукотница во базата Форт худ во американската сојузна држава Тексас. Локалните болници примиле 16 лица повредени во нападот, а неколкумина од нив се во критична состојба.

На прес-конферецијата одржана на главниот влез во базата, генерал-полковникот Марк Мајли кажа дека истрагата утврдила дека напаѓачот што отворил оган бил војник стациониран во базата и дека веднаш по нападот се самоубил. Властите го идентификуваа напаѓачот како Иван Лопез.

Мајли соопшти дека во нападот бил употребен полуавтоматски пиштол од базата. Според генерал-полковникот, точниот редослед на настаните се` уште се истражува, но тој оцени дека напаѓачот дејствувал ладнокарвно и со умисла.

„Се претпоставува дека влегол во една од зградите, отворил оган, потоа влегол во возило, отворил оган од возилото, излегол од возилото, влегол во друга зграда и повторно отворил оган, по што му се спротиставило обезбедувањето“, рече Мајли.

Мајли кажа и дека иако напаѓачот не бил лекуван од пострауматско стресно нарушување, тој сепак бил на лекарски третман за ментални проблеми што можеби се поврзани со неговото учество во армиските операции во Ирак во 2011-та година.

Форт худ беше сцена на друга пукотница во 2009-та, кога загинаа 13 лица, а 30 беа повредени. Напаѓачот во тој инцидент, мајорот Нидал Хасан, беше повреден во престрелка со воената полиција и парализиран од половината-надолу. Минатата година, тој беше осуден на казна доживотен затвор за нападот.

Хасан призна дека го сторил делото, тврдејќи дека бил мотивиран од својата муслиманска вера. Доказите претставени на судењето покажаа дека тој бил под влијание на радикални исламски свештеници што заговарале тероризам.

Властите велат дека во досегашниот тек на истрагата не нашле некаква врска на најновиот напад со тероризам.

Претседателот Барак Обама вети дека ќе се погрижи да се расчисти случајот, изразувајќи жалење што вакво нешто повторно се случи во базата.
XS
SM
MD
LG