Линкови за пристапност

Силно обезбедување за Супербол


Силно обезбедување за Супербол

Додека љубителите на фудбалот во САД со голема возбуда ја очекуваат шампионската игра на Њујорк Џајантс и Њу Ингланд Патриотс во недела, што ќе се одигра во Индијанополис, Индијана, обезбедувањето исто така е во подготовки.

Секако добра вест е што Џенет Наполитано, секретарката за домашна безбедност, кажа дека нема специфични или кредибилни закани против годинешниот Супербол, што ќе се игра на Лукас Оил стадионот.

Додека примарната обврска за обезбедувањето е на властите во Индијана, Наполитано кажа дека федералната влада обезбедува голема поддршка за најголемиот спортски настан во САД.

„Ние обезбедивме обука за тероризам и будност за повеќе од 8.000 вработени и волонтери на стадионот“, рече Наполитано.

Триесет и пет федерални компонентни агенции се инволвирани во обезбедувањето за Супербол и настани поврзани со него во и околу Индијанополис.

Но, Наполитано кажа дека и публиката е партнер:

„Го продолжуваме партнерството со Националната фудбалска лига преку – ако видите нешто – кажете нешто! – кампањата ја јавна претпазливост. Едноставно бараме американскиот народ да биде претпазлив и да пријави сомнителни активности. “

НФЛ исто така придонесува за обезбедувањето од цивилна страна, вработувајќи над 3.000 приватни безбедносни лица и персонал за справување со толпи.

Посетителите ќе бидат подложени на електронски и рачни проверки, а ќе има и ограничување на тоа што може да се внесе на стадионот, па дури и за должината на леќите што камерите може да ги имаат – 15 центиметри.

Ќе биде воспоставен безбедносен периметар околу стадионот, а само оние со билети ќе можат да бидат таму. Во неделата за Супербол ќе има и привремено ограничување на летови на приватни авиони околу стадионскиот комплекс.

XS
SM
MD
LG