Линкови за пристапност

Што јадат децата во македонските училишта


Солено, масно и газирано, велат резултатите на ново истражување, како дел од проект за поздрава исхрана.

Солено, масно и газирано. Ова е ужината што учениците најмногу ја конзумираат за време на одморите меѓу часовите. Ова не е изненадувачки податок ниту за наставниците ниту за родителите, ниту пак за децата бидејќи пекарниците и сендвичарите се дел од нивното детство. Сепак, некои од нив следниот пат добро ќе размислат кога ќе посегнат по рафтовите. Во тоа им помогна проектот „Промоција на еколошкото право преку еко - граѓански клубови во основните училишта“ во кој се вклучени невладината организација „ОХО“ и Амбасадата на САД во Република Македонија.

Анкетата што во рамките на овој проект ја спровеле учениците од седмо и осмо одделение од основното училиште „Љубен Лапе“ во Скопје покажала дека омилена храна на нивните соученици од сите одделенија се кроасани, чипс, чоколадно млеко, кока кола.

„Истражувањата покажаа дека сите ние јадеме чипсови, пиеме газирано и не сме физички активни“, вели Александар Димитрев.

Токму овие навики на нездрава исхрана, според специјалистите е причина за се поголем број на деца со прекумерна телесна тежина.

„Отсуство од вежбање во комбинација со неправилна исхрана, многу масти, шеќер и сол предизвикува загриженост за здравјето на младата популација“, вели Марина Поповска-Домазетова од Агенцијата за храна.

Во овој ентузијастички проект, учениците отишле и подлабоко со истражувањето, и го анализирале составот на она што секојдевно го јадат.

„Тоа што го дознавме беше шокантно. Скоро во секој пијалок и вештачка храна има вештачки бои, ортофосфорна киселина, вештачки ароми, амониум хидроген карбонат, вештачки засладувач, засилувач на вкусови-моно натриум глукаминат Е621, Е322, Е476 и други податоци од кои страв да те фати“, раскажува осмоодделенецот Оливер Цветковски.

Иако имаат само 13 и 14 години, овие деца денеска пред наставниците, лекарите и родителите им одржаа лекција на возрасните како треба да се внимава и да се чува здравјето.
XS
SM
MD
LG