Малолетно дете и 23- годишно момче се првите жртви на грипот во Македонија, кој според здравствените власти веќе достигна загрижувачки размери: илјада и осумстотини заболени за еден месец кај кои е потврдено дека се работи за сезонски грип тип Б. Четириесет и девет лица се хоспитализирани, шестмина се во потешка состојба ставени на респиратори, а двајца се борат за живот.
Кај починатите се` уште не е утврдено што е причина за смртта. Двајцата немале други хронични болести, но претпоставките се дека се работи за компликации од грипот. Заболени од грипот Х1 Н1 во Македонија нема.
„Како на комисија ни беше необично, бидејќи се работи за две млади лица, кои што набрзо починале, кај едниот е изолиран тип на грип, вирус Б, кај другиот не. Едноставно комисијата заседаваше, ги разгледуваше, ги анализираше овие случаи, дали само грипот е основната причина за смртта кај нив или се работи за други пропратни заболувања“, вели Јованка Костовска од Институтот за јавно здравје.
Најмногу од заболените се во Скопје, а бројот нагло се зголемил овој месец, за само десет дена регистрирани се 700 заболени најмногу деца.
„Особено се засегнати ризичните групи на пациенти, тоа се оние пациенти кои во основата имаат и други болести, значи бројот на заболени е најчест кај младите лица и детската возраст, но морталитетот, шансата за неповолен исход е особено висока кај највозрасните лица“, вели Звонко Миленковиќ, директор на Инфективна клиника во Скопје.
Дека ситуацијата е алармантна говори и фактот што Министерството за здравство побара од болниците привремено да ги забранат посетите, а матичните лекари да работат по посебни протоколи. Апелот до граѓаните е тотална изолација, особено за децата од 5 до 14 години. Покрај изолацијата препораката е и вакцинирање, бидејќи најавите се дека грипот допрва ќе зема замав.