Линкови за пристапност

Минеаполис денес му оддава почит на Флојд


Комеморативни служби ќе продолжат и во наредните денови, во Северна Каролина и Хјустон

Жителите на Минеаполис денес се собираат во чест на сеќавање на Џорџ Флојд, Афроамериканецот кој почина како последица на полициска бруталност, по повеќе од една недела протести низ државата за барање правда и системски реформи.

Лидерот за граѓански права Ал Шарптон, пак, ја води интимната комеморација со семејството и пријателите.

Јавни и приватни комеморативни служби се закажани за в сабота во Северна Каролина, каде бил роден Флојд, а за понеделник е планирана голема служба во Хјустон, каде тој го поминал поголемиот дел од животот.

Демонстрантите ја поздравија одлуката на обвинителите во Минесота за покренување обвиненија и против тројцата други полицајци поврзани со смртта на Флојд, а протестите продолжија и вчеравечер, генерално мирни и без насилство.

Во главниот град Вашингтон се собраа неколку стотици граѓани, кои протестираа пред Белата куќа и Конгресот, а градоначалничката Мјуриел Баусер го врати полицискиот час за 11 часот навечер, место во седум, како што беше изминативе неколку вечери.

Полицијата на Детроит кажа дека нема да ги приведува мирните протестанти, кои го прекршуваат полицискиот час, додека властите во Сиетл ја укинаа наредбата за полициски час, која требаше да трае до сабота.

Сан Франциско и Лос Анџелес, пак најавија дека денес планираат да го укинат полицискиот час.

Протестите, кои се проширија низ целата држава, почнаа во Минеаполис, каде на 25 мај почина Флојд, откако полицаецот Дерек Човин му нанесе смртоносни повреди, притискајќи го со колено на врат речиси десет минути.

Главниот правобранител на Минесота Кит Елисон, вчера најави обвиненија за останатите тројца полицајци, кои се товарат за помош при убиство, додека обвинението за Човин е променето во убиство од втор степен, наместо од трет степен, како што беше првично.

Сите полицајци сега се уапсени.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG