Линкови за пристапност

Трамп поддржува построга контрола при купување на оружје


Претседателот на САД Доналд Трамп, ги поддржува напорите за заострување на федералните проверки на купувачите на оружје, објави Белата куќа. Поддршката од Трамп доаѓа по инцидентот во средното училиште во Флорида, и по создавањето на национална поддршка за законодавна акција за спречување на масовните убиства.

Анкета на Вашингтон пост и ABC News, покажува дека 86 проценти од испитаниците кои се идентификувале како демократи, рекле дека со построги закони за контрола на оружјето инцидентот можело да биде спречен. Додека 67 проценти од републиканците се изјасниле дека со построги закони нема да се спречи масакр.

Повеќе од три четвртини од испитаниците од двете групи рекле дека поефикасна проверка на менталното здравје и третман, можеле да го спречат нападот.

Генерално, 77 отсто од испитаниците изјавиле дека Конгресот не прави доволно за да спречи масовни пукања, додека 62 отсто сметаат дека Трамп не вложува доволно напори.

Портпаролката на Белата куќа Сара Хакаби Сандерс, рече дека Трамп минатата недела разговарал со сенаторот од Тексас, Џон Корнин, за двопартиската легислатива заедно со демократскиот сенатор од Конектикат, Крис Марфи, за да се подобри усогласеноста за проверките.

Мерката за проверка на минатото, нема да наметне нови ограничувања за купување на оружје, туку е обид да се осигура дека информациите за менталното здравје и кривичните пресуди постојано се испраќаат до националниот систем за проверка.

За разлика од многуте досегашни предлози за контрола на оружје, Националната асоцијација за оружје (NRA), доминантното лоби во САД, поддржува подобрување на системот за проверки.

Во понеделникот во Вашингтон, околу 50 студенти протестираа пред Белата куќа, повикувајќи на построги ограничувања на продажбата на оружје.

Преживеаните од минатонеделниот масакр рекоа дека следниот месец планираат марш во Вашингтон и други поголеми градови низ САД, барајќи конкретна акција од законодавците за да се спречат вакви инциденти.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG