Автобуси со ученици кои го преживеале неодамнешниот напад во училиштето во Флорида, се упатија кон главниот град на сојузната држава, Талахаси за да извршат притисок врз законодавците, да воведат забрана на продажбата на оружје, слично на она што беше искористено во минатонеделниот напад во кој загинаа 17 лица.
Средношколците од градот Паркленд се најдоа на браникот на националното негодување по асакрот. Но, останува нејасно дали нивните барања, како што беше случајот и по другите масовни убиства во САД, ќе бидат прифатени од законодавците на локално и национално ниво, а воедно да бидат усвоени и построги мерки за контрола на купувањето на оружје во државата.
Учениците планираат на 24-ти март, во Вашингтон да одржат национален собир наречен „Марш за нашите животи“. Настанот доби поддршка од музичките ѕвезди, како што се Џастин Бибер, Лејди Гага и Шер и од актерот Џорџ Клуни и неговата сопруга Амал, кои ветија дека ќе донираат 500.000 долари да помогнат во организацијата. Познатата ТВ-водителка и актерка, Опра Винфри исто така кажа дека ќе донира 500.000 долари за каузата.
Гувернерот на сојузната држава Флорида Рик Скот, подоцна неделава планира да се сретне со средношколците кои ќе поминат повеќе од 600 километри за да стасаат во Талахаси.
Републиканскиот сенатор од Флорида, Марко Рубио, кој од Националната асоцијација за оружје (NRA), добил преку 3,3 милиони долари во политички донации, го омекна ставот за контрола на оружјето. Тој рече дека ја поддржува мерката спонзорирана од Демократската партија, за донесување закон со кој ќе им се овозможи на властите да можат да одземаат оружје од лица кои претставуваат опасноста за останатите.
Претседателот на САД Доналд Трамп, исто така најави средба со учениците во врска со нападите. Белата куќа во понеделникот рече дека Трамп ги поддржува напорите за заострување на федералните проверки при купување на оружје.
Facebook Forum