Линкови за пристапност

Кауција за убиецот на тинејџерот од Флорида


Судија во Флорида одреди 150 илјади долари кауција за пуштање од затвор на волонтерот на локална безбедносна патрола обвинет за убиство на 17-годишен афро-американски тинејџер, Трејвон Мартин.

Одлуката на судијата за ослободување на Џорџ Зимерман дојде во петок по сослушувањето, кога Зимерман се извини на семејството на Мартин.

„Жалам за загубата на вашиот син. Не знаев колку е стар. Мислев дека е малку помлад од мене, и не знаев дали е вооружен“, рече Зимерман.

28-годишниот Зимерман е обвинет за убиство од втор степен во инцидент од 26 февруари.

Судијата постави неколку услови за ослободување на Зимерман, вклучувајќи електронско следење, што рече дека значи оти Зимерман не може да биде пуштен во петок. Зимерман исто така не може да има никакво оружје или да конзумира алкохол и мора да се придржува на полициски час.

Сопругата и родителите на Зимерман сведочеа преку телефон на сослушувањето, тврдејќи дека тој не е насилничка личност.

Обвинителите велат дека Зимерман расно го профилирал Мартин како потенцијален криминалец и се конфронтирал со него. Детето не било вооружено и се враќало дома од продавница.

Зимерман, бел Хиспанец, призна дека го убил Мартин, но кажа дека постапил во самоодбрана кога тинејџерот го нападнал.

Случајот предизвика протести во цела земја во врска со расно профилирање и законот на Флорида познат како „брани ја својата територија“ што дозволува луѓето да користат убивачка сила ако чувствуваат дека животот им е во опасност или се во опасност од сериозна повреда. Полицијата не го уапси веднаш Зимерман по пукањето заради неговото тврдење дека постапил во самоодбрана.

Гувернерот на Флорида Рик Скот во четврток претстави 17-член панел, предводен од заменик гувернерот Џенифер Керол, што ќе организира серија јавни распити во сојузната држава, и препораките ќе ги достави до Скот и легислатурата на Флорида.

XS
SM
MD
LG