Линкови за пристапност

Хуманитарна акција за настраданите од поплавите


Театрите во Македонија го следат примерот на Македонската филхармонија

Сите театри во Македонија се вклучуваат во хуманитарната акција за настраданите од поплавите во Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска. Тие ќе го следат примерот на Македонската филхармонија која сите приходи од синоќешниот концерт заедно со студентите на државните факултети за музичка уметност ќе ги донира за балканските земји за справување со последиците од водената стихија.

Македонскиот народен театар за оваа намена ќе ги отстапи приходите од влезниците од новата претстава „Сина птица", како и од претставата "Народен пратеник", што во рамките на претстојниот театарски фестивал ќе ја одигра Народно позориште од Белград. Актерите од Драмскиот театар, како свој придонес за настраданите ќе одиграат две претстави во четврток и во петок, додека по една претстава за хуманитарни цели ќе посветат и новиот Театар „Комедија“, Театарот за деца и младинци, театрите во Битола и Струмица, како и Турскиот и Албанскиот театар во Скопје.

Кинотеката на Македонија, приходите од проекциите од два дена на Детскиот фестивал за слика и филм "Буф"ќе ги испрати на адреса на настраданите балкански земји, исто како и средствата што ќе бидат собрани од изведбата на оперската претстава „Фауст“ во рамките на Мајските оперски вечери.

Македонските музички ѕвезди, кои повеќепати биле дел од големи хуманитарни манифестации, и овој пат ќе пејат за помош на некогашните југословенски републики. Калиопи, Каролина, Тијана Дапчевиќ, Тамара Тодевска, Елена Ристеска, Сара, Сашо Гигов – Гиш и Зоран Џорлев се дел од оние кои ќе учествуваат на хуманитарниот концерт во Скопје. В понеделник во спортската салата „Борис Трајковски“ ќе се појават и членовите на женскиот и на машкиот ракометен клуб „Вардар“, овој пат како публика.

„Навистина ми е задоволство што цела Македонија се вклучи во акцијата за помагање на мојот народ. Навистина сум горда што се наоѓам овде и играм од едноставна причина што само зедно можеме да ги надминеме овие тешки проблеми. Се надевам дека колку повеќе луѓе ќе купат билети и со тоа ќе помогнат“, вели ракометарката на „Вардар“, Андреа Лекиќ, по потекло од Србија.

„Би сакал и да се заблагодарам на македонскиот народ што до сега многу направи за српскиот и босанскиот народ. Ви благодарам од срце“, вели голманот на ракометниот клуб „Вардар“, Страхиња Милиќ.

Освен што ќе одиграат неколку претстави во хуманитарни цели, актерите си купија и билети за да бидат дел од „Да се обединиме во хуманоста“.

„Горд сум што сум Македонец, горд сум на нашиот народ, на моите сограѓани од Скопје. Покажавме дека имаме големо срце, дека Скопје е град на солидарност. Ова е уште еден потег кој е за поздравување. Мислам дека треба колку што може да помогнеме. Нашите срца се со луѓето од Босна и Србија“, вели актерот Славиша Каевски.

Од Скопје, за Белград, Сараево и за Загреб ќе замине и помош од 100.000 евра, која Македонската Влада ја издвои од Буџетот, а воедно најави и даночни ослободувања за оние фирми кои ќе донираат помош за настраданите од поплвите во соседството.

До крајот на месецот продолжува и акцијата за парични донации преку трите мобилни оператори во земјата, која надмина 120.000 евра. Во Дистрибутивниот центар на Црвениот крст во Скопје секојдневно пристигнуваат донации храна и средста за лична хигиена и за дезинфекција од поединци и од компании, која се пакува од волонтери. И Охрид деновиве живее со хуманоста. Преку Црвениот крст повеќе хотели, ресторани и фирми веќе испратија шлепери со помош од 80 тони за Србија и БиХ, а пунктовите за донација и натаму се отворени.
XS
SM
MD
LG