Линкови за пристапност

Пет работи што треба да ги знаете за изборната безбедност


Додека гласачите во САД се подготуваат за изборите на 6 ноември, се подготуваат и федералните, државните и локалните власти.

Додека многу гласачи размислуваат кои кандидати ќе ги поддржат, владините службеници прават сé што можат за да обезбедат дека секој кој има право може да гласа и дека тие гласови ќе се сметаат правилно.

Ова се пет работи кои што треба да се знаат за опасностите кои му се закануваат на изборниот систем и што САД прават во однос на нив:

1.Дали Русите повторно се мешаат во американскиот изборен процес?

,,Сега не гледаме насоченост кон актуелниот државен и локален изборен систем како што гледавме во 2016 година”, рече Џенет Манфра, Помошник секретарка за кибернетска безбедност при Одделот за домашна безбедност на безбедносната конференција во јули.

Од тогаш службите за разузнавање и безбедност неколку пати повторија дека темпото и обемот на руските активности не се совпаѓаат со нивните напори во 2016 година.

Од Мајкросфт велат дека хакери, користејќи слични тактики какви што користеше Русија во минатото, биле насочени кон кампањите на барем тројца кандидати за Конгресот.

2.Дали други земји ја следат Русија и влегуваат во игра оваа година?

Високи официјални претставници на САД велат дека се ,,длабоко загрижени” за растечката употреба на операции за влијание, укажувајќи на тоа дека најголеми виновници по Русија се земјите како Кина, Иран и Северна Кореја.

Трамп беше уште поексплицитен, обвинувајќи го Пекинг дека ,,се обидува да се вмеша во претстојните избори во 2018 година, во ноември, против мојата администрација".

Кина ги негира обвинувањата. Сепак, сé поголем број официјални претставници на разузнавачките и безбедносните служби на САД предупредуваат дека Пекинг има способност да го направи она што го направи Русија во 2016 година, ако не и повеќе.

Воедно, постојат докази дека Иран се обидува да ги прошири своите операции за влијание. Во септември, гигантите на социјалните медиуми Фејсбук и Твитер објавија дека отстраниле стотици страници и сметки поврзани со кампања лоцирана во Иран, а насочена кон САД и други земји.

3.Што прават државните изборни претставници и политичките партии за заштита на изборната машинерија од хакери?

Сите 50 американски држави работат со Одделот за домашна безбедност за да помогнат во зацврстувањето на нивните изборни инфраструктури против нападите.

Секоја држава, како и речиси илјада локални јурисдикции, се приклучија на Центарот за размена и анализа на информации за изборна инфраструктура, за да се олесни размената на информации за заканите.

Сојузната влада, исто така, обезбеди дополнителни 380 милиони долари во форма на грантови наменети за подобрување на кибернетската безбедност поврзана со изборите, набавка на нова опрема за гласање или подобрување на системите за регистрирање на гласачите. Воедно, неколку држави усвоија нови закони за подобрување на изборната кибернетска безбедносност.

Меѓутоа, односот меѓу државите и федералната влада е комплициран. Некои државни функционери изразија загриженост дека Одделот за домашна безбедност отишол предалеку во влегувањето во преземање на надлежности во избори на државно и локално ниво.

4.Што прави федералната влада за да го спречи странското мешање во изборниот процес?

Официјалните лица работат на неколку фронтови за да го обезбедат претстојното гласање од напади.

Во септември, Белата куќа ја претстави новата Национална кибернетска стратегија, ветувајќи поагресивен пристап, со цел да одврати секаков вид кибернетски напад.

"Ние не сме само во одбрана", рече советникот за национална безбедност, Џон Болтон. "Ние ќе направиме многу работи офанзивно, и мислам дека нашите противници треба да го знаат тоа".

Претседателот Трамп, исто така, потпиша извршна наредба со ветување дека ќе одговори со санкции и друг тип мерки против кое било лице, група или држава за кои ќе се процени дека се вмешале во изборите.

,,Ние сме ангажирани секој ден“, рече генералот на Американската кибернетска команда Пол Накасон во септември, иако одби да открие детали.

САД, исто така, се обидоа да потврдат дека Русија е одговорна за обиди за мешање на изборите во 2016 година, обвинувајќи за хакерство во претседателската кампања на Хилари Клинтон и Демократската партија 12 Руси поврзани со Државната разузнавачка агенција.

Во исто време, Одделот за домашна безбедност работи со сите 50 американски држави за да ја зајакне изборната инфраструктура на земјата против можни напади. Овие напори вклучуваат размена на информации и анализа, како и распоредување на мрежни сензори за упади кои во реално време ги откриваат нападите. Од Одделот за домашна безбедност велат дека 90 отсто од Американците ќе гласаат во области опфатени со вакви сензори.

5.Дали изборите во 2018 година ќе бидат безбедни?

Официјални претставници на САД велат дека изборната инфраструктура е безбедна и дека Американците треба да веруваат дека нивните гласови ќе бидат пресметани.

Владините функционери работат со компаниите за социјални медиуми, како Фејсбук и Твитер, за да ги отстранат сметките што ги користат тролови и ботови за ширење на пропаганда и лажни информации.

Компаниите исто така велат дека биле поактивни.

Раководителка во Фејсбук, Шерил Сандберг, во септември им рече на законодавците дека компанијата ,,блокира милиони обиди за регистрирање лажни профили секој ден’’ и дека ,,постигнува напредок во борбата со лажните вести".

Сепак, американските разузнавачки службеници велат дека нема начин да се знае кога и дали дезинформациите ќе влијаат кај поединци при гласањето.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG