Американската крајбрежна града потврди дека нафтата излеана по експлозијата на платформа во Мексиканскиот Залив веќе стигнала до крајбрежјето на сојузната држава Луизијана. Покрај штетата по животната средина, ова е тежок удар и за жителите кои се издржуваат од рибарство.
Градот Делакро е последната станица на општината Сент Бернард во Луизијана пред да започне Мексиканскиот Залив.
Ворен Гидро тука лови морски ракови веќе 30 години. Иако Делакро има прекар „крај на светот“ - Гидро се надева дека излеаната нафта нема да стави крај - на неговиот бизнис.
„Се` досега беше добра година – само што требаше да започне најдоброто време. Сега не знам што ќе се случи, дали ќе останеме без работа“, вели Гидро.
Гидро го полни чамецот со гориво, за да појде и да провери до каде е стигната нафтата и во каква состојба се неговите стапици за ракови.
„Се надевам да ги најдам како што ги оставив. Ако има нафта во нив, нема да се употребливи“, раскажува овој рибар.
Властите веќе го забранија риболовот во областите погодени од еколошкиот инцидент што е закана за риболовната сезона од која живеат стотици луѓе во заливот.
Гидро ги проверува стапиците. Првата нема знаци на нафта, само кал од бурите. Обично би ја оставил во водата за да улови повеќе ракови, но поради инцидентот смета дека е побезбедно сите да ги земе со себе.
Никој не знае како ќе се развива ситуацијата.
Во нормално време, овој улов би донел приход од 500-тини долари, но забраната за риболов значи дека тој не може да се продава. Ворен Џуниор е син на Гидро и исто така рибар. Бил сведок на штетата од ураганот Катрина во 2005-та година, но се плаши дека оваа од загадувањето ќе има многу посериозни последици.
Гидро нема друг избор – вели ќе почека додека трае процесот на чистење на нафтата, па потоа повторно ќе ги фрли стапиците во вода.