Линкови за пристапност

Први операции на срце кај бебиња во Македонија


Поддршка од Меѓународната фондација на детско срце со седиште во САД, предводена од американскиот кардиохирург Вилијам Новик.

Шест бебиња, на возраст од шест до девет месеци, се првите над кои во Македонија е извршена каридохируршка интервенција. За првите интервенции од ваков вид во историјата на македонското здравство, придонес има екипата на Меѓународната фондација на детско срце со седиште во САД, предводена од американскиот кардиохирург Вилијам Новик. Во екипата се вклучени и други детски хирурзи, потоа анестезиолози, педијатри и медицински сестри од универзитетски клиники од шест држави.

Дека Македонија сериозно се подготвувала за овој момент говори и податокот дека интервенциите се одвиваат во комплетно опремена хируршка сала и интензивна нега со најсовремена опрема на Клиниката за детски болести.

„Сите деца кои се оперираат се на возраст под девет месеци и сите се со комплексни вродени срцеви мани. По завршувањето на интензивното лекување на Клиниката за детска хирургија, пациентите се префрлаат на Детската клиника, Оддел кардиологија, каде се одвива натамошниот третман“, вели директорот на Одделот, Ристо Симеонов.

Доктор Новик најави дека соработката ќе продолжи со уште интервенции, а паралелно и со обука на македонските лекари.

„Тимот од македонски професионалци поседува ентузијазам и мотивација и сигурни сме дека со време тие ќе бидат добар тим за децата со срцеви болести во Македонија“, изјави Новик.

Новиот Оддел за кардиохирургија на Клиниката за детски болести во Скопје го посетија и премиерот Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров. Министерот на почетокот на годинава посети голем број клиники во САД, за да договори обука за македонските лекари во повеќе области.

Премиерот смета дека се работи за историски момент за македонското здравство што ќе значи одлевање на помалку пари за вакви важни хируршки интервенции за бебиња и деца, кои досега се вршеа во странство, но пред се`, ќе биде во корист на пациентите, кои нема да непотребно да трошат време од својот живот чекајќи на интервенција во странство.

„Задоволен сум што десетина наши лекари добиваат ваква обука и што по три години ќе можат самостојно да ги продолжат овие операции и со тоа ќе се направи и многу сериозна заштеда, затоа што државата досега плаќа во странските болници за операции на наши деца. Сега, на овој начин, во овие три години, околу 70 отсто од тие пари ќе ги заштедиме. Се прави и сериозна заштеда, и добра обука на нашите лекари, и помалку малтретирање за родителите“, изјави Груевски.

Првите неонатални кардиохируршки операции во Македонија беа извршени во периодот од 26-ти до 29-ти март.
XS
SM
MD
LG