Линкови за пристапност

Републиканскиот конгресмен Крис Колинс поднесе оставка


За да се пополни испразнетото место на Колинс во Претставничкиот дом потребно е да се распишат предвремени избори

Првиот член на Конгресот кој го поддржа Доналд Трамп за претседател поднесе оставка во понеделникот, еден ден пред да биде очекувано да се изјасни за виновен за измама со акции.

Републиканецот Крис Колинс од Њујорк е обвинет за измама со хартии од вредност, заговор и давање лажен исказ пред ФБИ.

Колинс планирал да се изјасни за невин, но во медиумските извештаи се вели дека тој ќе го смени исказот на судско рочиште во текот на денешниот ден.

Колинс е обвинет дека користел инсајдерски информации со чија помош во 2017 година неговиот син Камерон и трето обвинетиот, Стефан Зарски, избегнале загуба од речиси 800.000 американски долари во акции.

Според обвинението, Колинс имал деловни врски со австралиска фармацевтска компанија. Тој бил во Белата куќа кога шефот на компанијата му испратил порака по електронска пошта дека тестирањето на нов лек за мултиплекс склероза не било успешно.

Се наведува дека Колинс речиси веднаш го известил неговиот син, кој пак го известил Зарски. Двајцата ги продале своите акции во компанијата пред да бидат објавени вестите, со што избегнале загуба од речиси 800.000 американски долари.

Вредноста на акциите на компанијата паднаа повеќе од 90% откако официјално беше објавена веста за неуспехот на лекот.

Сега на гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо, му останува да распише предвремени избори за да се пополни испразнетото место на Колинс во Претставничкиот дом.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG