Линкови за пристапност

Ребаланс на Буџетот за обезбедување садници по пожарите


Скопскиот градоначалник Петре Шилегов, најави дека е почната постапка за набавка на нови возила и противпожарни скали, како и вработување на професионални пожарникари

Градоначалникот на Општина Радовиш Герасим Конзулов, оптимистички најави дека е запрено проширување на пожарот, што гори десетина денови меѓу селата Покрајчево и Злеово, од планината Готен кон струмичко, како и дека се очекува пожарот веќе утре да биде под контрола.

Во гасењето на големиот пожар, во кој досега, според информаците во медиумите, изгорела нискостеблеста шума на површина од околу 200 хектари, учестуваат над 100 пожарникари од целиот реон, односно од Радовиш, Струмица, Берово, Валандово и од Штип, а им помагаат и два армиски хеликоптера.

Поради непристапниот терен, отежнатото гаснење оди бавно, но, откако по вчерашните вести дека пожарот ќе се шири и кон Општината Василево, градоначалникот Конзулов побара вклучување и на припадниците на Армијата, екипите на Дирекцијата за заштита и спасување, како и припадниците на ЈП „Национални шуми“ од подружниците во Радовиш, Струмица, Штип и Кочани, денес тој излезе и со пооптимистички став.

Големиот пожар неделава, во околината на езерото „Младост“ во Велешко, во кој пак изгореа над 400 хектари борова шума и 200 хектари сува трева, сè уште ја бранува јавноста, а во медиумите превладуваат ставовите дека причинител е човечкиот фактор

Основното јавно обвинителство во Велес нареди спроведување истражна постапка против четворица работници, како и против фирмата која ги ангажирала, а директорот на „Национални шуми“ најави санирање на штетата во координација со централната власт и пошумување на пеплосаните подрачја во Велешко, кога ќе се исчисти изгорената дрвна маса и ќе се создадат услови за подготвување на почвата за пошумување. Во тој реон за 2019 е предвидено да засадат околу два милиона садници на над 900 хектари.

Просторот што беше зафатен од големиот пожар го посетија премиерот Зоран Заев и градоначалниците на Велес и Скопје, а беа организирани и средби со претставници на институциите кои беа ангажирани за гасење на пожарот - Територијалната противпожарна единица - Велес, локалната единица на Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата и СВР Велес, ЈП „Дервен“, Шумското стопанство „Бабуна“, Центарот за управување со кризи, Црвениот крст и Противпожарна бригада Скопје.

„Мора да работиме многу во периодот кој следи. Ќе има брз и координиран план за масовно и вонредно пошумуваање со садници кои ги задоволуваат сите еколошки параметри за да ја вратиме шумата на езерото ‘Младост’. Во тек е ребаланс на Буџетот со цел оваа есен да се насадат нови садници, а дотогаш, треба да се расчисти теренот. Мојата порака кон сите кои имаат каква било идеја да потпалуваат и да горат човечки судбини, е дека ќе одговараат. Нема да има толеранција за оние кои уништиле нешто што природата и добронамерните луѓе го негувале со децении. Нула толеранција како лекција и како превенција за сите што си играат со огнот и со судбината на луѓето и на животната средина", изјави Заев.

Градоначалникот на Велес Аце Коцевски, пак, најави дека „по катастрофалниот пожар што го зафати Велес „ време е за носење разумни одлуки со голема одговорност и промена на приоритетите“.

„Ќе му предложам на Советот на Општината годинава да не се одржи Фестивалот на велешки пити и вино, и средствата што се предвидени во Буџетот за таа намена, како и средствата од поддржувачите на фестивалот да ги насочиме пред сè кон санирање на последиците од пожарот и пошумување на оголените површини, како и обезбедување на професионална лична заштитна опрема за пожарникарите, со цел да бидат поефикасни во гасењето на пожарите“, изјави Коцевски, предизвикувајќи бројни позитивни реакции на социјалните мрежи.

Наместо Фестивалот, ќе се организира поевтина алтернативна манифестација, а на денот на пошумувањето, најверојатно поврзано и со Денот на Општина Велес во ноември, ќе се организира хепенинг на езерото „Младост“, каде изгорените површини би ги пошумувале и гости од Македонија и од странство.

Пожарите се во фокусот уште од јуни, а последниве недели гореше во околината на Скопје, но и во Кичево, Охрид и во Крива Паланка. Минатата недела гореше нискостеблеста шума во Општина Карбинци, а пожарот почнал од стрниште, по вина на несовесен земјоделец. Во атарот на кумановското село Матејче гореше сува трева. Во Скопско, пожар имаше во селото Љубин и меѓу селата Кондово и Свиларе на непристапен терен. Шумски пожари имаше и во шумата над скопската населба Пинтија, над селото Долно Блаце и кај селото Мојанци над Арачиново, како и над селото Буковиќ во околината на Скопје.

Во медиумите и на социјалните мрежи беа објавени и вознемирувачки податоци дека државата располага со само 220, главно застарени противпожарни возила, бидејќи просечната старост на возилата е 27 години, додека 70 отсто се произведени во минатиот век

Дел од коментарите потенцираа дека бојот на службени возила во државните институции е за десет пати поголем од бројот на пожарните возила. Но, покрај возила, недостигаат и доволно вработени во територијалните единици. Беше објавен податокот, дека според Дирекцијата за заштита и спасување, во Скопската противпожарна бригадата има 194 вработени, иако би требало да има 392.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов, најави дека е почната постапка за набавка на нови возила за гаснење пожари и на противпожарни скали, а вети и нови вработувања во Противпожарната бригада на Град Скопје, во која, професионалните пожарникари кои заминувале во пензија, од 2005 година не биле заменувани со нови.

„Противпожарната бригада на Скопје падна на 189 луѓе што е недозволиво, имајќи ги предвид стандардите и правилата, според кои, градската пожарникарска служба треба да има околу 330 лица“, рече Шилегов, и додаде:

„Знаете како велат, пожарникар можеби ќе ви затреба еднаш во животот, но го плаќате цел живот, што е сосема во ред, бидејќи тие се херои, и од мене како градоначалник, имат посебна почит бидејќи го изложуваат на ризик своето здравје и живот за да ги спасат нашите животи“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG