Линкови за пристапност

Финска ќе ја затвори границата со Русија 2 недели за да ги спречи барателите на азил


Хелсинки вели дека Москва ги испраќа луѓето на граница како одмазда за нејзината одлука да ја зголеми соработката во одбраната со САД, обвинение што Кремљ го негира
Хелсинки вели дека Москва ги испраќа луѓето на граница како одмазда за нејзината одлука да ја зголеми соработката во одбраната со САД, обвинение што Кремљ го негира

Финска ќе ја затвори целата своја граница со Русија за патниците во следните две недели во обид да го запре невообичаено големиот проток на баратели на азил во нордиската нација, за што владата и нејзините сојузници велат дека е оркестриран потег на Москва.

Финска минатата недела ги затвори сите, освен еден од своите гранични пунктови за патниците од Русија, држејќи го отворен само најсеверниот премин лоциран на Арктикот.

Но, и ова сега ќе се затвори, рече владата денес.

Околу 900 баратели на азил од држави, вклучувајќи ги Кенија, Мароко, Пакистан, Сомалија, Сирија и Јемен, влегле во Финска од Русија во ноември, што е зголемување од помалку од еден на ден претходно, според финската гранична стража.

Одлуката за затворање на сите осум гранични премини значи дека само товарните возови можат да минуваат меѓу двете земји, соопшти финската гранична стража.

Хелсинки вели дека Москва ги испраќа луѓето на граница како одмазда за нејзината одлука да ја зголеми соработката во одбраната со САД, обвинение што Кремљ го негира.

Финска ја налути Русија претходно оваа година кога таа се приклучи на НАТО, со што стави крај на децениската воена неутралност, поради војната во Украина.

„Ова е операција на влијание на Русија и ние не ја прифаќаме“, рече премиерот Петери Орпо на прес-конференција.

Во понеделникот тој рече дека неговата земја има разузнавачки информации за руските власти кои им помагаат на барателите на азил, и дека и покрај затворањето на финската граница, сè уште има повеќе луѓе кои се упатуваат кон Финска во Русија.

Во понеделникот, само тројца баратели на азил пристигнаа во Финска преку оддалечената, последната отворена гранична станица, а во вторникот немаше нови.

Граничната станица ќе остане отворена во среда пред да биде затворена до 13 декември, соопшти владата.

Азил сè уште може да бараат патниците кои пристигнуваат со брод и со авион, соопшти денес финската влада.

XS
SM
MD
LG