Линкови за пристапност

Филипче: Граѓаните ќе може да патуваат со вакцините кои се признаени од СЗО и ЕМА


Интервју со Венко Филипче
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:16 0:00

Во Интервју за Гласот на Америка, министерот за здравство вели дека со сегашната динамика на вакцинација, до крајот на летово 50-60 проценти од македонските граѓани треба да бидат вакцинирани

Глас на Америка: Кога ќе има целосно олабавување на рестриктивните мерки и очекувате ли нов четврти бран од ковид во земјава?

Венко Филипче: „Во однос на мерките продолжуваме со истиот терк, со истото пратење на ситуацијата. Ги пратиме истите параметри секојдневно. Практично, овој период спласнува. Се намалува бројот на нови случаи, се намалува бројот на пациенти кои бараат хоспитализација. Ковид одделенијата кои ги пренаменивме од други одделение за да примаат ковид пациенти, сега ги враќаме во нормална работа. И, тоа сега ни дава за право мерките да ги олабавуваме. Мерките ќе ги олабавуваме и дополнително. Се скрати и полицискиот час. Такво нешто ќе предложиме и во текот на наредната недела. И, епидемиолошката состојба тоа го дозволува. Што е тоа што може да ја смени сликата и дали нешто такво може да очекуваме, тоа е навистина тешко да се каже и ми се чини, дека нема никој во светот и нема ниту една анализа, која може со сигурност да тврди што може да не очекува до крајот на годината. Очекувањата се дека со сегашната слика, со вакцините на располагање и со зголемување на опфатот на вакцинација, пандемијата полека ќе спласнува. Тоа што евентуално може да ја смени сликата е можеби некоја мутација на вирусот, која ќе биде полесно пренослива и ќе даде потешка форма на болеста. Но, се надеваме дека до тоа нема да дојде“.

Глас на Америка: До кога очекувате поголемиот дел од македонските граѓани да бидат вакцинирани?

Венко Филипче: „Нашиот систем функционира така да се вакцинираат десетина илјади граѓани на ден. Се вакцинираат во пунктовите за масовна вакцинација, како и во пунктовите во здравствените домови. И, согласно очекуваната динамика на пристигнување на вакцините, онаа голема пратка од 500 илјади кинески вакцини од Синовак, некаде до крајот на мај и почетокот на јуни, пристигнувањето со динамика на вакцините на Фајзер, во месец мај секоја недела. Тоа се 5.000 директно од нашиот договор, 5.000 од системот на солидарност на ЕУ и дополнителната количина од 100 илјади вакцини Фајзер, од системот Ковакс. Тоа ни дава за право да кажеме дека со оваа динамика со која сега се одвива процесот на вакцинација, до крајот на летото можеме да имаме вакцинирано население во доволен процент за да се постигне колективен имунитет. Тоа зависи секако од интересот на граѓаните. Сега е висок. Се надеваме дека така ќе продолжи. Спремни се и кампањите. Со оваа динамика која ја имаме, десеттина илјади граѓани на ден, со вакцините кои сега пристигнуваат, со онаа предвидена динамика, очекувам 50-60 проценти од граѓаните да се вакцинирани до крајот на летото“.

Глас на Америка: На кои вакцини ќе се потпре земјава во следниот период и дали веќе се договараат вакцини за 2022-та година?

Венко Филипче: „За наредната година тоа што го направивме е оној договор за набавка од српскиот производител Торлак. Зошто? Затоа што е блиску, ќе има сосема доволна количина на располагање со онаа месечна динамика која ќе ја имаат од милион вакцини. И, мислам дека тоа е една сосема добра стратегија имајќи во предвид дека ние не знаеме во која насока ќе се движи пандемијата, како ќе се одвива препораката за вакцинација во текот на следната година, дали вакцините ќе останат исти и дали ќе треба да се смени платформата. И сето тоа го разговаравме во институтот Торлак, каде се произведува вакцината, Спутник, но отворени сме и за сите опции“.

Глас на Америка: Во кои држави ќе можат да одат на одмор македонските граѓани ова лето?

Венко Филипче: „Немаме информации за рестрикции за патување во било која држава. Впрочем, исто како и ние, оние потребни документи кои ги издаваме, се документи кои се бараат во дел од околните земји. Рестрикција нема во овој момент, а нема ниту во најава. Не очекувам да бидам искрен, да има било каква рестрикција за патување во било која земја. Впрочем и ПЦР тестовите и потврдите за вакцинација се нешто кое конечно треба да го вратат нормалниот живот и нормалниот начин на патување и комуникација“.

Глас на Америка: Тоа значи дека сертификатите кои се добиваат после вакцинирањето ќе може да се користат за патување?

Венко Филипче: „Во зависност од барањето на различни земји, ние издаваме соодветни сертификати, ПЦР тестови во акредитирани лаборатории и сертификати кои содржат ПЦР код, кои по барањето на Грција, ќе бидат тие сертификати кои ќе се прифаќаат за да се влезе во оваа земја. Тоа се некои општи принципи, врз основа на кои се темелат барањата за патување во земјите членки на ЕУ, на што ни беше укажано во изминатиот период. Сертификатите ги исполнуваат буквално сите овие критериуми“.

Глас на Америка: Ќе може ли со кинеските и руски вакцини да патуваат македонските граѓани?

Венко Филипче: „Земјите членки на ЕУ, ги прифаќаат вакцините кои се признаени од Европската агенција за лекови но, и тие кои се признаени од СЗО. А, тоа значи дека буквално сите вакцини кои ги имаме, ќе бидат признаени во сите земји, каде таков критериум за патување ќе биде побаран. За време на посетата на еврокомесарот Вархеј, разговаравме и на оваа тема. Ни укажа дека за патување во земјите членки на ЕУ ќе се признаваат вакцините кои се признаени од Европската агенција за лекови - ЕМА но, и оние кои се признаени од СЗО. Впрочем целта на враќањето на нормалните комуникации и нормалниот живот се темели на она што сега е на располагање како вакцини во светот. Кинеските, руските и сите други вакцини на Фајзер, Астра Зенека итн. се на располагање насекаде во светот. И, тоа е суштината дека ќе се прифаќаат вакцините кои се признаени и од ЕМА и од СЗО, за да нема буквално никаква дискриминација во однос на патувањето и движењето на граѓаните ширум светот. Ќе може да патуваат во било кои земји во светот, кои се признаени од ЕМА и СЗО, а тоа се сите овие вакцини кои во моментот ги има во нашата земја“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG