Линкови за пристапност

Филипче: Ние сме држава со најмногу тестирања на милион жители од сите земји во регионот


Интервју со Венко Филипче: Во светот сме меѓу првите 30-40 земји со најмногу тестови на милион жители
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:31 0:00

Само Словенија има повеќе од нас, а во светот сме меѓу првите 30 до 40 држави, рече министерот за здравство во интервју за Гласот на Америка

Глас на Америка: Како го оценувате досегашниот тек на развојот на настаните поврзани со коронавирусот во државата, и која е бројката што очекувате да ја достигне епидемијата?

Филипче: Бројката како апсолутна бројка, не може да ја гледаме и анализираме сама по себе, без притоа да се има предвид времето за кое пациентите се хоспитализирани или имаат потреба да бидат хоспитализирани во здравствените установи. Пикот, според проценките на епидемиолозите и нивните анализи, и согласно начинот на откривање на пациентите и нивниот број, очекуваме да биде на крајот на месец април. Можно е да бидат хоспитализирани меѓу 2.000 и 2.500 пациенти. Дотогаш, многу е важно дали ќе има одреден број на пациенти на кои ќе им биде потребна хоспитализација, или ќе има пациенти кои ќе можат да се лекуваат и во домашни услови. Многу е битно да се избегне сценариото кое се случи во Италија, и кое сега се случува во Шпанија. Тоа се сценарија во кои огромен број на пациенти ги оптоваруваат капацитетите на болниците, посебно одделенијата за интензивна нега. И тоа доведува здравствениот систем да не може да се справи со третманот на овие пациенти. Постепен прием на пациенти, пред се` пациенти во рана фаза на болеста и кои не бараат третман во одделенијата за интензивна нега, е нешто што сакаме да го постигнеме.

Глас на Америка: Како да се избегне италијанското сценарио?

Филипче: Имаме линеарен пораст на бројот на пациенти како резултат на досегашните мерки, односно секој ден бројката на пациенти е отприлика иста. Тоа е нешто што нашиот здравствен систем може да го издржи. Нашите капацитети се спремни. Инфективната клиника, дополнителниот капацитет на мобилната болница, и понатаму како следен чекор болницата „8 Септември“, се доволен број за третман на овие пациенти. Во таа смсила, доколку продолжи овој тренд, нашиот здравствен систем добро ќе се справи со оваа болест.

Глас на Америка: Има ли државата капацитет да се справи со евентуално излегување на ситуацијата од контрола?

Филипче: Многу е тешко да се претпостави. Имаме развиено и такво сценарио. Предвидени се и дополнителни капацитети, освен овие, и во приватните болници и во некои други установи, и во рамките на Клиничкиот центар. Ние тоа го нарекуваме, лошо или црно сценарио, иако и лекарите кои се мобилизирани се на стенд бај. Тоа се анестезиолози, сестрите кои имаат искуство со третман на пациенти на интензивна нега. Тие се располагање и поделени во групи, односно одат на работа преку една недела, со цел да ги избегнат честите физички контакти помеѓу нив, а со цел секогаш да има на располагање одредена бројка, ако не дај боже се зарази некој од членовите на лекарските тимови и медицински сестри. Имаме повеќе сценарија. Сакаме и посакуваме ова сценарио да продолжи вака да се одвива, да немаме значаен пораст на бројот на пациенти, но спремни сме и на некои други опции.

Глас на Америка: Дали се размислува и други делови од државата да бидат ставени во карантин, како што е случајот со Дебар?

Филипче: Согласно сегашните мерки и начинот на спроведување на мерките, во овој момент мислам дека тие се доволни. Морам да кажам дека нема општина и регион кои се идентични и кои може да се споредат со други, макар и во непосредната околина, бидејќи секој има свои карактеристики во однос на пристапите на градот, циркулацијата на луѓето и поврзаноста со другите општини. Сите овие фактори се разгледуваат кога разговараме за евентуално дополнителни мерки. Сегашните мерки, полицискиот час, значително зголемената рестрикција во однос на зголемени часови во рамки на полицискиот час за време на викенд, одвојување на двете критични групи на граѓани во текот на денот, е нешто што верувам дека дава резултати.

Глас на Америка: Значи засега не се планира таква мерка?

Филипче: Ова се работи кои секојдневно ги дискутираме и анализираме врз основа на бројот на дијагностицирани пациенти во текот на претходниот ден. Јас сега можам да кажам дека ништо не е исклучено и дека во текот на денот може да се донесе одлука врз основа на некои анализи и податоци од претходниот ден. Секојдневно се прати ситуацијата, секојдневно се дискутираат разни опции, но, сега засега ова се мерките кои се на сила.

Глас на Америка: Дали можеби се размислува за општ прекин на движењето неколку дена. Конфедерацијата на синдикати побара од 4-ти до 20-ти април, да не се оди на работа?

Филипче: Ова е нешто што ќе биде предмет на дискусија, имајќи ги предвид празниците кои се пред нас. Дополнително, евалуираме и некои можности за викендите. Повторно ќе кажам, ништо не е исклучено. Сите мерки се носат врз основа на мултисекторска анализа на сите податоци. И во таа смисла, за се` што ќе одлучи Централниот штаб во Владата по препорака на Комисијата за заразни болести, ќе се донесат и ќе се објават мерки доколку ги има.

Глас на Америка: Реална ли е бројката на заболени која на јавноста ѝ е позната, или има и други заболени, а кои се` уште не ги имате детектирано?

Филипче: Бројката која се објавува е јавна. Секој ден се објавува врз основа на дијагностицирани пациенти со присуство на вирусот. Тоа е критериум кој потекнува од препораките на СЗО, и ние тој број на регистрирани пациенти го пријавуваме во СЗО и имаме обврска тоа да го правиме секој ден. Тоа што во еден даден момент можеби е непозната, тоа е бројот на лица кои се носители на вирусот, а кои се асимптоматски. Токму во таа насока одат анализите и интервјуата на епидемиолозите, идентификување на примарните контакти на веќе дијагностицираните, со цел овие носители да се откријат во што порана фаза.

Глас на Америка: Дали можеби се размислува за масовно тестирање во одредени региони?

Филипче: Веќе спроведуваме една форма на масовно тестирање. Ние сме земја која има спроведено најмногу тестирања на милион жители од сите земји во регионот. Само Словенија има повеќе од нас. Ние сме во првите триесет-четириесет држави во светот по број на тестови на милион жители. Околу 4.100 тестови беа направени до вчерашниот ден. Повеќе од 2.000 тестови на еден милион жители, многу повеќе од Албанија, која има направено само 2.000 тестови досега на многу поголемо население од нашето. Во таа смисла, имаме точно одреден алгоритам, кога се тестираат лица кои што се симптоматски, за да се потврди присуството на вирусот. Се анализираат и се ставаат во изолација нивните примарни контакти во период од 14 дена, колку што трае инкубацијата на болеста. Засега оваа стратегија се покажа добра и можам да кажам дека се задоволни и епидемиолозите. Често се анализираат и некои други опции, но, засега сметаме дека оваа стратегија дава добри резултати.

Глас на Америка: Кога можеме да очекуваме да се објави крај на епидемијата во земјава?

Филипче: Многу е тешко е да се каже. Пикот на болеста го очекуваме на крајот на месец април и после тоа да се надеваме дека на почетокот на мај веќе бројот на ново дијагностицирани пациенти да почне да се намалува. Но, секогаш во епидемиологијата оставаме простор и за одредена промена на овие бројки. Засега анализите, тоа што го имаме како новодијагностицирани пациенти, и тоа што го знаеме за поврзаноста на новодијагностицирани со постоечки кластери, резултатите од мерките кои се импелементирани, ни дава за право да веруваме дека ќе ни се случи зголемување на бројот на пациенти до крајот на април, тука некаде пикот, и потоа постепено намалување. Ќе кажам ова секогаш треба да се земе со резерва.

Глас на Америка: И враќање на животот во нормална состојба полека.

Филипче: Тоа е целта.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG