Американска владина агенција го објави текстот за предлог-мерката за замена на регулативите од времето на претседателот Барак Обама, чија цел беше обезбедување еднаквост на пристапот до интернет, со план кој ќе се фокусира на зголемување на инвестициите во индустријата за широкопојасен интернет.
Претседателот на Федералната комисија за комуникации Аџит Паи, изјави дека регулаторната агенција ќе гласа по мерката за „Враќање на слободата на интернет“ на 14-ти декември. Со тројца републиканци и двајца демократи во одборот, предлогот се очекува да биде усвоен.
Таканаречените правила за „неутралност на интернет“, налагаат компаниите кои нудат интернет услуги, да обезбедат еднаква брзина за добивање на податоците за сите корисници.
Укинувањето на правилата коишто беа одобрени од страна на Комисијата минатата година, може да се смета за победа за големите телекомуникациски компании, како „Верајзон“ (Verizon) и „Еј-Ти-енд-Ти“ (АТ&Т), кои велат дека би можеле да имаат бенефиции од поинакво користење на дигитален податочен капацитет.
Тие потенцираа и дека правилата за „неутралност на интернетот“ ги ставаат во неповолна позиција со веб-страниците како „Фејсбук“ и „Гугл“, кои вообичаено не се регулирани од страна на Федералната комисија за комуникации (FCC) и не се под влијание на правилата.
Во соопштението, Паи рече дека ова правило „ги намалило инвестициите во градењето и проширувањето на широкопојасните мрежи и ги одвратило иновациите“.
„Според мојот предлог, федералната влада ќе го прекине микроменаџирањето на интернетот“, додаде тој.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп, го поддржа укинувањето на легислативата за неутралност на интернет, велејќи дека тоа ќе резултира со фер-игра за телекомуникациските компании.
Но, поддржувачите на мерката се загрижени дека новиот план би можел да го направи пристапот до интернет многу поскап за некои корисници, а на телекомуникациските компании да им овозможи да ги контролираат брзините на податоци по сопствена дискреција.
Facebook Forum