Напливот на доверба кај поддржувачите на терористичката група Исламска држава, што се рефлектира во серија онлајн закани против Европа, во комбинација со нејзиниот смртоносен напад врз концертна сала во Русија, им дава причина за загриженост во САД.
Официјални лица за национална безбедност и за спроведување на законот долго време се загрижени за мали групи или поединци кои црпат инспирација од терористички заговори ширум светот за да извршат напади во САД, но директорот на ФБИ Кристофер Вреј, вчера им рече на законодавците дека можеби се работи на нешто позагрижувачки.
„Сега сè позагрижувачки е потенцијалот за координиран напад овде во татковината, сличен на нападот на ИСИС-К што го видовме во концертната сала Русија пред неколку недели“, ги предупреди Вреј законодавците, користејќи кратенка за авганистанската филијала на Исламската држава.
Пред само неколку дена, полициските агенции ширум Европа ја зајакнаа безбедноста, откако медиумите поврзани со Исламска држава, познати и како ИД или ИСИС, објавија повици за напад на стадионите на кои се одржуваат фудбалски натпревари од Лигата на шампионите оваа недела во Мадрид, Лондон и Париз.
Предупредувањето на ФБИ, исто така, сигнализира потенцијална промена во размислувањето на САД за можниот досег на ИД и нејзината авганистанска филијала, која ја презеде одговорноста за нападот на концертната сала надвор од Москва на 22 март. Во нападот загинаа 145 луѓе.
По инцидентот, Одделот за домашна безбедност соопшти дека нема конкретни или веродостојни разузнавачки информации кои би сугерирале дека ИД има способност да им се заканува на САД.
И повеќе американски воени и разузнавачки претставници рекоа дека иако ИД има амбиции да изврши напади, нема индикации дека ИД или некоја од нејзините глобални филијали има способност да допре до Америка.
Терористичката група „се бори на многу начини да развие голема способност што е релевантна за САД“, изјави неодамна директорката на Националниот центар за борба против тероризмот Кристин Абизаид.
Таа зборуваше на подкаст со аналитичарот за тероризам Питер Берген.
Другите предупредувања се фокусираа на заканата за американските цели надвор од САД.
„ИСИС-Хорасан ја задржува способноста и волјата да ги нападне американските и западните интереси во странство за само шест месеци и без никакво предупредување“, рече на сослушувањето на Комитетот во Сенатот минатиот месец генерал Мајкл “Ерик“ Курила, командант на американските сили на Блискиот Исток и Јужна Азија.
Засега, Одделот за домашна безбедност на САД ги повикува Американците да бидат претпазливи.
„САД продолжуваат да бидат во средина со зголемена закана“, изјави портпаролот на Одделот за домашна безбедност за Гласот на Америка во средата, како одговор на прашањата за заканите на ИД за различни европски места.
„Одделот за домашна безбедност на САД продолжува да работи со нашите партнери за да ја процени околината за закана, да обезбеди ажурирања за американската јавност и да ја заштити нашата татковина“, додаде портпаролот.
„Ја повикуваме јавноста да остане внимателна и веднаш да пријави сомнителна активност до нивните локални органи за спроведување на законот“.