Директорот на Федералното истражно биро (ФБИ) Кристофер Реј, ги предупреди законодавците, дека Русија не се откажува од напорите да влијае врз резултатот на претседателските избори во ноември, преку обиди да ја повреди кампањата на демократскиот кандидат и поранешен потпретседател Џо Бајден.
Реј, во сведочење пред Комисијата за домашна безбедност на Претставничкиот дом, ги опиша операциите на Кремљ како „многу, многу активни“ на социјалните медиуми, на неговите владини медиуми, и преку разни други претставници.
„Примарна цел на овие операции за влијание е да го деградира потпретседателот Бајден, и она што Русите го гледаат како антируски естаблишмент“, рече тој.
Претседателот Трамп, на Твитер, реагираше по изјавите на директорот на ФБИ.
„Но, Крис, не гледате друга активност од Кина, иако е далеку поголема закана од Русија, Русија, Русија“, напиша Трамп, додавајќи:
„Двете, плус други, ќе можат да влијаат во нашите избори 2020 со нашиот тотално слаб гласачки систем“, рече Трамп.
Реј истакна дека неговиот страв доаѓа од дезинформациите од Русија и други, кои ги таргетираат американските гласачи, додавајќи дека „Американците можат и треба да имаат доверба во нашиот изборен систем, и сигурно во нашата демократија“.
Facebook Forum