Линкови за пристапност

ФБИ го истражува нападот во Њу Орлеанс како акт на тероризам


Урнатини по улицата Бурбон откако возило влетало во толпа во францускиот кварт во Њу Орлеанс, 1 јануари 2025 година.
Урнатини по улицата Бурбон откако возило влетало во толпа во францускиот кварт во Њу Орлеанс, 1 јануари 2025 година.

10 луѓе загинаа, а повеќе од 35 се повредени откако возач влетал во толпа во Њу Орлеанс по новогодишните празнувања

Возач удрил во толпата што ја прославувала Новата година во раните утрински часови во Њу Орлеанс. Во нападот кој ФБИ го истражува како терористички чин загинаа 10 луѓе, а повеќе од 35 се повредени.

Осомничениот бил убиен по престрелка со полицијата, соопштија претставници на полицијата.

„Човекот се обидуваше да прегази што повеќе луѓе“, рече началникот на полицијата во Њу Орлеанс, Ен Киркпатрик во средата на прес-конференција. „Тој сакаше да создаде масакр“.

Нападот се случил во средата во 3:15 часот наутро по локално време во Францускиот кварт во Њу Орлеанс на раскрсницата меѓу улиците Канал и Бурбон. Областа е историска туристичка дестинација исполнета со барови и музика, позната и по големите новогодишни прослави.

Откако возилото влетало, возачот излегол од автомобилот и пукал врз полицајците кои реагирале на терен, соопшти полицијата. Според полицијата, полицајците возвратиле, и го застрелале осомничениот кој загинал. Полицијата соопшти дека двајца припадници на сината униформа се ранети, но во стабилна состојба.

ФБИ го идентификуваше осомничениот како Шамсуд-Дин Џабар, 42-годишен американски државјанин од сојузната држава Тексас.

„Во возилото се наоѓало знаме на ИСИС и ФБИ работи на утврдување на потенцијалните здруженија и врски на субјектот со терористички организации“, се вели во соопштението на ФБИ, кое ја води истрагата.

Осомничениот со години служел во армијата на САД, но извесно време бил надвор од војската, изјавија официјални лица.

Инспекторите пронашле оружје и потенцијална експлозивна направа во возилото, а други потенцијални експлозивни направи биле пронајдени во Францускиот кварт, соопшти ФБИ, од каде исто така наведоа дека возилото се чини дека било изнајмено.

Алетеа Данкан, помошник специјален агент за ФБИ во Њу Орлеанс на прес-конференција рече дека истражителите не веруваат дека само осомничениот е одговорен.

Повеќе од 300 полицајци биле на должност во моментот на инцидентот, соопшти полицијата.

На прес-конференција, градоначалникот на Њу Орлеанс ЛаТоја Кантрел ги нарече убиствата „терористички напад“. И ФБИ соопшти дека го истражува инцидентот како „терористички чин“.

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека постојано бил информиран за нападот.

„Моето срце е со жртвите и нивните семејства кои едноставно се обидуваа да го прослават празникот. Нема оправдување за насилство од каков било вид и нема да толерираме никаков напад врз која било од заедниците на нашата нација“, рече Бајден во изјавата на платформата за социјалните медиуми „Х“.

Белата куќа соопшти дека била во контакт со градоначалникот за да понуди поддршка.

„ФБИ е веќе на терен и ги поддржува локалните органи за спроведување на законот во истрагата и претседателот ќе продолжи да биде информиран во текот на денот“, се вели во соопштението на Белата куќа.

Одделот за правда соопшти дека за нападот бил информиран и државниот обвинител Мерик Гарланд.

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп го осуди нападот во објава на неговата платформа за социјалните медиуми „Truth Social“.

„Нашите срца се со сите невини жртви и нивните најблиски“, рече Трамп. „Администрацијата на Трамп целосно ќе го поддржи градот Њу Орлеанс додека го истражуваат и закрепнуваат од овој чин на чисто зло!“

Видеото снимено од посматрач на местото на настанот покажува најмалку две тела како лежат на улица, а едно од нив е во локва крв. Се гледа случаен минувач како клечи над едно од телата.

Повредените во нападот се пренесени во пет болници, според „НОЛА Реди“, градската агенција за подготовка при итни случаи.

„Додека бараме мотив, запомнете дека нема смисла за зло“, рече Оливер Томас кој е член на градскиот совет на Њу Орлеанс.

Во изјавата на платформата за социјалните медиуми „X“, гувернерот на Луизијана Џеф Ландри ги повика луѓето да се држат настрана од областа каде што се случи нападот, нарекувајќи го инцидентот „ужасен чин на насилство“.

Насобраните луѓе исто така беа на забава во Њу Орлеанс бидејќи градот требаше да биде домаќин на фудбалскиот натпревар на колеџот „Sugar Bowl“ во средата навечер.

Иако официјалните лица првично посочија дека фудбалскиот натпревар ќе се одржи според планираното, официјалните лица подоцна во средата попладне потврдија дека натпреварот ќе биде одложен до четврток навечер.

Дополнително, Њу Орлеанс треба да биде домаќин на Суперболот на НФЛ на 9 февруари.

Њу Орлеанс и претходно сведочеше на насилство за време на прослави.

Во ноември 2024 година, две лица беа убиени и 10 други повредени во две одвоени престрелки на патеката на парадата во Њу Орлеанс и прослава на која присуствуваа илјадници луѓе, според локалните медиуми.

Во февруари 2017 година, повеќе од 20 луѓе беа ранети кога маж за кој полицијата рече дека се чини дека бил во алкохолизирана состојба со пикап-возило удрил во луѓе кои ја гледале главната парада на Марди Грас во Њу Орлеанс.

Дел од информациите за овој извештај се од Ројтерс и Асошиетед прес.

XS
SM
MD
LG