Линкови за пристапност

ФБИ разби меѓународен криминален синџир со кредитни картички


Во акцијата учествувале агенти од 12 земји покрај САД, меѓу кои и Македонија.

Американското Федерално истражно биро (ФБИ) соопшти дека разбило меѓународен криминален синџир со кредитни картички.

Според подрачната канцеларија на ФБИ во Њујорк, се работи за најголема операција од ваков вид досега што траела преку две години и во неа, покрај американските, биле вклучени агенти од уште 12 земји: Австралија, Босна и Херцеговина, Британија, Бугарија, Германија, Данска, Италија, Јапонија, Канада, Македонија, Норвешка и Франција.

Операцијата спечила 400.000 лица да станат жртви на измама со кредитни картички во која би биле потрошени преку 205 милиони долари преку украдени информации од картичките.

Уапсени се 24 осомничени: 11 во САД, а другите 13 во Босна и Херцеговина, Британија, Бугарија, Германија, Италија, Јапонија и Норвешка.

ФБИ наведува дека уапсените раководеле со глобална криминална организација што се бавела со крадење и размена на податоци од кредитни картички, што подоцна би се користеле за неовластено купување.

Обвинителот на Менхетен Прит Бхарара изјави дека апсењата покажуваат дека долгата рака на законот ги стига и криминалците кои мислат дека се сигурни бидејќи работат зад параванот на претпоставената анонимност на Интернет.
XS
SM
MD
LG