Линкови за пристапност

ФБИ уапси маж кој измамил инвеститори рекламирајќи дека има лек за коронавирус


53-годишниот Кит Лоренс Мидлбрук во Лос Анџелес е уапсен откако се сретнал со прикриен агент и му доставил апчиња тврдејќи дека ќе спречат инфекција со коронавирус

Американскиот оддел за правда соопшти дека сојузните агенти уапсиле маж во Калифорнија поради измама на инвеститори кои ги убедувал да платат до еден милион американски долари за удел во компанија, која рекламирала лек за вирусот КОВИД-19.

Одделот за правда во соопштение за медиумите наведе дека агентите на ФБИ во средата го уапсиле 53-годишниот Кит Лоренс Мидлбрук во Лос Анџелес, откако се сретнал со прикриен агент и му доставил на агентот апчиња, за кои што Мидлбрук тврдел дека ќе спречат инфекција со коронавирус.

Во видео реклами на „Јутјуб“ и социјалната мрежа „Инстаграм“, Мидлбрук тврдел дека ги развил апчињата, како и серум што ќе лекува коронавирус. Најмалку едно од овие видеа било прегледано повеќе од милион пати.

Во кривичната пријава на ФБИ, поднесена во федералниот суд, се наведува дека Мидлбрук со измама собирал фонд ветувајќи огромна добивка за компанија што ја нарекол Квантна превенција CV, Inc., или QP20. Тој тврдел дека поранешната кошаркарска ѕвезда Ервин „Меџик“ Џонсон веќе е инвеститор. Кога бил контактиран од иследниците, Џонсон изјавил дека никогаш не слушнал за компанијата.

Мидлбрук, кој е обвинет за измама, деновиве треба да биде изведен пред американскиот окружен суд во Лос Анџелес. Доколку биде осуден, може да се соочи со максимална казна од 20 години затвор.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG