Линкови за пристапност

Предложениот директор на ФБИ сведочеше пред Сенатот


Кристофер Реј вети дека агенцијата ќе работи независно и според законите

Изборот на американскиот претседател Доналд Трамп за раководител со Федералното истражно биро (ФБИ), Кристофер Реј на сослушување во Сенатот ги увери законодавците дека ако биде потврден на функцијата, агенцијата ќе продолжи да работи без политичко влијание.

„Длабоко верувам дека има само еден вистински начин да ја вршам оваа работа, со силна независност, според прописите, верно на Уставот, верно на нашите закони и верно на најдобрите практики на оваа институција,“ рече Реј.

Реј, адвокат и поранешен службеник во Одделот за правда, се соочува со прашања од членовите на Комисијата за правосудство во Сенатот, вклучувајќи и прашања за тоа дали може да работи независно од Белата куќа.

Членката на комисијата, демократката Дајан Фајнстајн, на почетокот на сослушувањето кажа дека е неопходно ФБИ да продолжи да функционира самостојно и без политички притисок.

„Директорот на ФБИ не му служи на претседателот, тој му служи на Уставот, на законот и на американскиот народ“, рече Фајнстајн, и додаде: „Како таков, директорот на ФБИ мора да биде лидер кој ќе има интегритет и сила што ќе му овозможи да одолее на обидите за политичко мешање“.

Ако биде потврден, Реј ќе го замени Џејмс Коми, кој беше отпуштен од претседателот Доналд Трамп додека водеше истрага за руското мешање во претседателските избори во САД во 2016-та година.

Републиканскиот претседавач со комисијата, Чак Грасли, кажа дека „нема ограничувања на можноста кој било претседател да отпушти било кој директор,“ позиција за која назначувањето е 10 години, „можност која не постои за да го заштити директорот на ФБИ од политичарите“, туку „да се спречи директорот на ФБИ да ја злоупотреби позицијата“.

Одговарајќи на прашање од демократскиот сенатор, Патрик Лехи, за тоа како тој ќе одговори ако претседателот побара од него да изврши задача која е „незаконска или неетичка“ Реј рече:

„Прво ќе се обидам да разговарам со него, ако не успеам, ќе си поднесам оставка.“

Американските разузнавачки служби заклучија дека Русија се вмешала во изборите преку ширење на лажни вести низ социјалните медиуми и хакерски упад во електронските документи на директорот на кампањата на Хилари Клинтон, Џон Подеста.

Кога републиканскиот сенатор, Линдзи Греам запраша дали тој ги доведува во прашање наодите на разузнавачите, Реј одговори:

„Немам причина да се сомневам во заклучоците на разузнавачката заедница,“ и додаде „мешањето во нашите избори е непријателски чин“.

Реј беше запрашан за неговите врски со Коми и Роберт Мулер, поранешен директор на ФБИ, кој сега од Одделот за правда е назначен за специјален советник во истрагата на агенцијата за руското мешање во изборите.

Реј работел во Одделот за правда во 2004-та година, кога Коми беше заменик-јавен обвинител, а Мулер беше директор на ФБИ.

Запрашан дали ќе ја извести комисијата за било какви обиди во мешање во истрагата на Мулер, Реј одговори: „Јас ќе се консултирам со соодветните претставници за да осигурам дека не ја загрозувам истрагата или нешто слично.“.

Реј, исто така кажа дека Белата куќа од него не побарала заложба за лојалност, ниту пак тој ветил нешто слично.

„Никој не ме прашал за каква било заложба за лојалност, во било кој момент од овој процес.“ рече Реј.

Трамп веќе неколку месеци се соочува со повеќекратна истрага во врска со наводите дека неговата кампања соработувала со руски официјални лица, и дека тој можеби ја попречил правдата со отпуштање на поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG