Доктор Ентони Фаучи, директор на Институтот за заразни болести и алергија на САД, во изјава за Си-ен-ен, рече дека неговите коментари кои биле искористени во реклама за изборната кампања на претседателот Доналд Трамп, биле извадени од контекст.
Фаучи изјави дека изборната реклама била направена без негова согласност.
„Во моите речиси пет децении јавна служба, никогаш јавно немам поддржано ниту еден политички кандидат. Коментарите, кои без моја дозвола се искористени во реклама на кампањата на Републиканската партија, се извадени од контекст од широка изјава, која што ја дадов месеци претходно за напорите на федералните јавни здравствени официјални лица“, рече Фаучи.
Во рекламата од 30 секунди, се прикажува Фаучи како вели дека „не можам да замислам дека некој би можел да прави повеќе“.
Директорот за комуникации на кампањата на Трамп Тим Мурто, во изјава за Си-ен-ен, рече дека „овие се зборови на Фаучи од телевизиско интерју, во кое Фаучи ја фали работата на администрацијата на Трамп. Зборовите се точни, и директно од уста на Фаучи“.
Трамп, пак, на Твитер напиша дека зборовите се навистина на Фаучи.
Досега нема одговор од кампањата на Бајден за контроверзната реклама.
Facebook Forum