Линкови за пристапност

Фаучи ги отфрли тврдењата дека хидроксихлорохинот е ефикасен третман за КОВИД-19


Врвниот американски експерт за заразни болести, д-р Ентони Фаучи, ги отфрли повторните тврдења на претседателот Доналд Трамп дека хидроксихлорохинот е ефикасен третман за КОВИД-19, болест предизвикана од коронавирусот. Фаучи исто така зазеде одбранбен став, откако контроверзна порака на Твитер посочи дека лекарот ја довел во заблуда јавноста за лекот.

Трамп ја бранеше употребата на хидроксихлорохинот во повеќе од десетина пораки на Твитер доцна во понеделникот, откако во последните денови јавно зазеде посериозен став за коронавирусот.

Трамп го обнови своето залагање за анти-маларискиот лек, и покрај бројните студии кои покажуваат дека не е ефикасен третман за КОВИД-19 и фактот што Американската администрација за храна и лекови неодамна ја промени наредбата со која се дозволува да се користи како итен третман.

Меѓу пораките на Твитер на Трамп беше и објавата од сметка на Твитер за подкаст, чиј домаќин беше поранешниот советник на Трамп, Стив Банон, во кој се обвинува Фаучи дека ги довел во заблуда Американците за хидроксихлорокинот.

„Јас сум заедно со ФДА“, рече Фаучи во интервју во вторникот за емисијата „Добро утро Америка“ на Еј-Би-Си. „Клиничките испитувања за ефикасноста на хидроксихлорокинот покажа дека тој не е ефикасен кај болеста предизвикана од коронавирус. “

Фаучи рече дека „не ја довел во заблуда американската јавност под никакви околности“.

Трамп неодамна го обвини Фаучи дека направил „грешки“ во упатствата за јавноста во однос на коронавирусот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG