Линкови за пристапност

Фаучи: Можеби ќе бидат потребни две години да се вратиме во нормала


Ако има успешна вакцина, за што сум претпазлив оптимист, повеќето луѓе ќе ја добијат преку матичниот лекар, аптеките или други дистрибутивни центри, изјави во интервју за Гласот на Америка, директорот на Националниот институт за алергија и заразни болести на САД

Глас на Америка: Дали може да се направи поврзаност меѓу масовните протести во САД и можноста за нов бран на заразени, со оглед на тоа дека припадници на Националната гарда беа тестирани позитивни на КОВИД?

Доктор Фаучи: Мислам дека треба да бидеме внимателни, бидејќи не знаеме како ова ќе заврши на крај. Но, како што велам цело време, собирање во групи е ризик, а собирање без маски е уште поголем ризик. Тоа е случај и кога имате демонстрации, за кои може да ја разберете причината и уставното право да се крене гласот за нешто што ви е многу важно. Мојата препорака е секој да биде внимателен и да одбегнува гужви. Ако одлучите да го правите тоа, правете го, иако јас не препорачувам. Но, ако го правите, носете маски цело време. Очигледно е дека има ризик кога луѓето се собираат на едно место, особено ако ги извикуваат гласно паролите, да го рашират вирусот, што може да доведе до нови зарази.

Глас на Америка: Но, изгледа дека мнозинството носат маски. Тоа е добра вест. Сепак, се`уште има дилема за ефикасноста на маските, и за тоа кои маски се подобри за заштита. Која е вашата препорака?

Доктор Фаучи: Носењето маска е секогаш подобро од неносењето. Можеби нема да значи 100 проценти заштита, но, сигурно обезбедува некакво ниво на заштита. Ако сте заразени, дури и да немате симптоми, ќе заштитите некој друг евентуално да биде заразен. Обична платнена покривка би било добро. Хируршка заштитна маска е добро. Нема потреба од Н95 маски. Треба да ги сочуваме за здравствените работници, кои се изложени на постојан ризик.

Глас на Америка: Друго прашање е отворањето на државите и училиштата.

Доктор Фаучи: Има некои држави и делови во државите каде ќе биде во ред да се отворат училиштата. Во некои не би било добро да ги отворите воопшто. Сакаме да направиме баланс, на пример, да ги отвориме, но да го промениме распоредот. Утрински часови за едни, попладневни за други.

Глас на Америка: Се` уште не е сигурно дека ќе има втор бран. Но, луѓето се плашат од таква можност. Која е вашата прогноза, и ако се случи, како може да се подготвиме подобро?

Доктор Фаучи: Невозможно е да се предвиди со сигурност што ќе се случи. Едно нешто што знаеме е дека ќе има заразени меѓу посиромашните и во зима. Го знаеме тоа бидејќи вирусот лесно се пренесува, и нема спонтано да исчезне од планетата. Ќе го има, независно дали ќе има втор бран наесен. Целосно зависиме од нашата способност и ефикасност да ги идентификуваме, изолираме и да ги следиме контактите на новите случаи. Ако тоа го правиме ефикасно, може да заштитиме втор бран. Може да го спречиме ако постапуваме исправно.

Глас на Америка: Оптимист сте за производство на вакцина од компанијата Модерна. На што се должи вашиот оптимизам, и дали има други опции, кои би биле ветувачки?

Доктор Фаучи: Јас сум претпазлив оптимист дека ќе имаме вакцина во разумен временски период, не само од Модерна туку и од други компании. Причината за мојот оптимизам се првични резултати. Се движиме во вистинска насока.

Глас на Америка: Колку дози се планираат да се произведат?

Доктор Фаучи: Мислам дека секој кандидат би сакал да произведе најмалку две до три стотици милиони дози. Не веднаш, но, евентуално околу милијарда дози.

Глас на Америка: Како ќе се дистрибуира вакцината до јавноста?

Доктор Фаучи: Мислам дека повеќето луѓе ќе ја добијат, ако имаме успешна вакцина, или преку матичниот лекар, аптеките или други дистрибутивни центри.

Глас на Америка: Околу изјавата на Светската здравствена организација. Дали верувате дека пациентите без симптоми може да го пренесат вирусот, како оние со симптоми?

Доктор Фаучи: Може. Податоците се јасни, околу 25 до 30, 50 проценти од луѓето кои се заразени немаат симптоми. Знаеме дека лицата без симптоми можат да го пренесат вирусот. Не знаме во колкава мера, но, знаеме дека не е реткост. Има доволно докази кои укажуваат дека овие лица се голем дел од ширењето на вирусот.

Глас на Америка: Дали верувате дека постои шанса да се вратиме на нормалниот живот?

Доктор Фаучи: Да, верувам. Постепено, можеби ќе бидат потребни две години, но, постепено ќе се вратиме во нормала.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG