Директорот на Институтот за алергија и заразни болести на САД, д-р Ентони Фаучи, кој многумина го сметаат за лице на американската битка против коронавирусот, ќе биде овековечен преку т.н. Баблхед кукла - мала фигура со подвижна глава изработена според неговиот лик.
Една фигура ќе се продава за 25 долари, од кои пет долари ќе бидат наменети за Американската болничка асоцијација како дел од предизвикот за набавка на 100 милиони маски
Фигурите ги дизајнираа Националната Баблхед сала на славните и музејот во Милвоки, Висконсин. Една фигура ќе се продава за 25 долари, од кои пет долари ќе бидат наменети за Американската болничка асоцијација како дел од предизвикот за набавка на 100 милиони маски - обид да се соберат пари за неопходните хируршки маски низ целата држава.
Од музејот соопштија дека добиле многу барања за изработка на ваква фигура и во тоа виделе можност за собирање на финансиски средства за добра цел.
Фигурата го прикажува Фаучи во костум, додека стои на основата, а неговата глава се придвижува при секое поместување на фигурата. Дизајнерите објаснија дека фигурата Фаучи ја подигнува раката за да укаже на потребата од „израмнување на кривата“ и намалување на ширењето на коронавирусот.
Фаучи е истакнат член на тимот на американскиот претседател Доналд Трамп за борба против коронавирусот. Тој е на неговата позиција во Националниот институт за здравство, од 1984 година и досега советувал шест претседатели за националните здравствени проблеми.