Линкови за пристапност

Дисциплински постапки за „Брз и фуриозен“


Внатрешната контрола во Одделот за правда предложи мерки против 14 вработени за контроверзната операција против шверц на оружје од САД во Мексико.

Американскиот Оддел за правда предлoжи дисциплинска постапка против 14, дел сегашни, а дел бивши вработени, меѓу кои и бившиот вршител на должноста директор на Бирото за алкохол, тутун и огнено оружје Кенет Мелсон. Постапката се однесува на нивните улоги во неуспешниот обид за инфилтрирање во синџир за шверц на оружје меѓу САД и Мексико.

Во долгоочекуваниот извештај на внатрешната контрола на Одделот, главниот инспектор препорачува и дисциплинска постапка против помошникот-главен правобранител Лани Бруер, но не го товари неговиот претпоставен, главниот правобранител Ерик Холдер. Во извештајот стои дека не постојат докази дека Холдер бил информиран за деталите на неуспешната операција.

Двете клучни фигури во операцијата, Мелсон и адвокатот во Одделот за правда, Џејсон Вејнстејн, веднаш по објавувањето на извештајот поднесоа оставки.

Во рамки на „Брз и фуриозен“, федерални агенти во Аризона намерно дозволиле шверц на оружје во Мексико, надевајќи се дека тоа ќе ги доведе директно до организаторите на шверцот. Меѓутоа, агентите ја загубиле трагата откако оружјето ја минало границата. Потоа беше утврдено дека две парчиња од тоа оружје биле употребени во убиството на пограничен американски агент.
XS
SM
MD
LG