Линкови за пристапност

Северна Македонија е на дното во Европа според медиумска писменост, вели експерт на НАТО


Санда Светока, која го истражува руското мешање на Западен Балкан, вели дека недостигот на професионални медиуми овозможува лесно ширење на дезинформации

Западен Балкан, особено Северна Македонија е на дното во Европа според медиумска писменост, вели Санда Светока, експерт во НАТО, укажувајќи дека тоа е причина за лесно ширење дезинформации во државата.

Таа го раководи проектот на НАТО центарот за стратешки комуникации, кој го истражува руското мешање на Западен Балкан, со фокус на медиумскиот простор.

„Институтот отворено општетсво секоја година објавува индекс за медиумска писменост за државите во Европа и Западен Балкан, и конкретно Северна Македонија, е меѓу оние на најниско ниво. Потребни се силни и независни медиуми, кои промовираат баланс и различни мислења, кои не служат на конкретни политички опкружувања, ориентации и партии. Ова особено е важно во ситуации, како оваа на пандемија, за да не одат луѓето да бараат научни информации на непроверени страници“, вели Светока за Гласот на Америка.

Смета дека социјалните медиуми се лесна мета за дезинформативните наративи од Русија, кои се насочени кон чувстивтелни теми.

„Не само Русија, туку и други актери гледаат кои се слабостите на државата, како неутврдени граници, етнички тензии, верски дискусии и историски перспективи на оштествата. Малигните актери ги користат овие ситуации за да направат конфликт“, вели таа.

Според неа, друга причина за лесно поминување на дезинформациите во Северна Македонија се ниската доверба во јавните институции.

„Најголема штета од ваквите наративи би била нарушување на довербата во ЕУ и НАТО. Како и нарушување на довербата во актуелните политики на Владата, во демокартските и економски реформи кои ги прави“, рече Светока.

А еве што вели какви алатки користи Русија за да влијае.

„Соработка со локални елити и бизнисмени, за кои луѓето не се ни свесни дека постојат. Понекогаш има само лични причини за делување, а не идеолошки“, рече таа.

Пред очекуваните избори во државата, Светока порача медиумите да бидат професионални и балансирани, а граѓаните да ги читаат партиските програми, како и да бидат критички ориентирани.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG