Како се наближува изборната кампања за предвремените парламнетарни избори закажани за 12 април, така ќе се засилува и обемот и нивото на лажни вести, вели Сефер Тахири, член на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите.
Според него изборната кампања постепено ќе се засилува, медиумите ќе бидат мета на политичките партии, а јавноста ќе биде сведок на разни конструкции и манипулации на вистината поради партиски мотиви.
„Се користат и други методи кои не се својствени за демократија, како што се оцрнување на противникот, стигматизација, манипулација преку лажни вести, и преку обид да се стави политичкиот противник контра јавниот интерес“, изјави Тахири.
Искуствата од минатите изборни циклуси го покажуваат токму тоа, вели Марина Тунева, извршна директорка на Советот за етика во медиумите.
Таа очекува многу пријави за неетичко и непрофесионално известување во наредниот период.
„Имаме бројни случаи, кога станува збор за предизборна клима во државата, имаме реакции како од јавноста, така и од медиуми, дека се пласираат манипулативни и лажни содржини кои знаат понатаму да ја контаминираат јавноста. Можеби сето тоа никогаш нема да може да се спречи, но, барем може да се превенира, укажувајки на тоа да се почитува професионалноста во известувањето“, рече Тунева.
Поранешниот дописник од Москва Мирче Адамчевски, очекува дека предизборната клима во државата може да ја искористат трети страни, особено официјална Москва, како што тоа било пред две години, кога во време на промените во земјата, Руското министерство за надворешни работи застанало на страната на Никола Груевски.
„Да не заборавиме дека Русија се меша преку медиумите, не директно мешање, туку мешање преку медиумите и преку ставови искажани од нивното Министерство за надвореши работи. Русите знаат дека Македонија е најслаба на полето на меѓуетничките односи. И мене ме плаши да не се посегне по таков чекор и по такви потези, кои би ги нарушиле меѓуетничките односи во Македонија“, вели Адамчевски.
Според него, лажните вести допрва ќе стапат на сцена и оти истите во најголем дел ќе бидат генерирани од партиските центри.
Инаку до Советот на етика во медиумите, во првите два месеца од оваа година, стигнале 32 жалби за неетичко известување.
Во текот на 2019 година тој број бил 83, од кои за 60 е утврдено дека е прекршен Кодексот на новинарите и за кои е изречена морална санкција.
Facebook Forum