За околу еден месец, владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад и сириските опозициони групи, треба да почнат мировни разговори во Женева, но уште сега постои чувство дека разговорите со посредство на САД се осудени на пропаст.
Еден голем проблем, според актуелните и поранешни разузнавачки и воени експерти, е дека американската политика едноставно не е прилагодена на сложената реалност на теренот.
„Не сум забележал никаква индикација дека САД имаат кохерентен план за тоа како треба да се справат со пропаднатите држави“, вели Џејмс Вулси, поранешен директор на ЦИА, во изјава за Гласот на Америка. „Мислам дека администрацијата на претседателот Барак Обама нема разработено таков план“.
Волси и други истомисленици посочуваат на се` поголемата листа на таканаречени „пропаднати држави“ на Блискиот Исток и во други делови од светот, како и фактот дека вакуумот на моќта се исполнува со најразлични групи со различни агенди.
„Не постојат Сирија или Ирак“, вели директорот за разузнавање на Регионалната влада на Курдистан, Лахур Талабани, кој за Гласот на Америка кажа дека појавата на терористичката организација Исламска држава им нанела голем удар на обете земји. Со доаѓањето на ИСИС во регионот, дојде до промена на границите.
И други го делат мислењето на Талабани, дека пропаѓањето на Сирија и Ирак е завршена работа.
„Блискиот Исток, каков што сме го знаеле, не постои. Се сомневам дека некогаш ќе се врати“, изјави Бернард Бажолет, директор на француското разузнавањена панел дискусија спонзорирана од ЦИА.
Сепак, критичарите додаваат дека американската политика се фокусира главно на третман, или во најмала рака на обид, Сирија и Ирак да останат какви што се.
Портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест зборуваше за американските напори да се помогне во „решавање на политичкиот хаос во Сирија“. Опишувајќи ги следните чекори во овој процес, државниот секретар Џон Кери, неодамна наведе можно креирање на „ентитет за обединување, транзиционо тело, коешто ќе има целосно извршно овластување“.
Некои актуелни и поранешни претставници се прашуваат колку сето тоа може да биде успешно, кога борбите на теренот веќе придонесоа Сирија да биде поделена меѓу режимот на Асад, Курдите и сунитските групи, од кои секој ги контролира своите области.
Овие претставници велат дека дури и ако се понуди значителна помош на централните влади на Сирија и Ирак, мали се шансите тоа да помогне.
„Националните армии пропаднаа“, вели Брајан Мајкл Џенкинс, виш советник во Корпорацијата Ранд која се занимава со истражување на глобалната политика.
„До таа мера што надворешни сили и` помагаат на владата на Ирак, чии се сили се главно сочинети од Шиити, или владата во Дамаск, или Саудиска Арабија и други, коишто им помагаат на бунтовниците, главно Сунити, или пак САД, коишто ја зголемуваат ефикасноста на курдските борци. А сето тоа придонесува за продлабочување на поделеноста“, вели тој.
Други поранешни официјални лица и аналитичари, велат дека постојат неколку добри опции и дека многу од нив ќе чинат многу време, пари, а може и човечки животи.
„Или треба да останеме определени на оригиналната идеја дека треба да поправиме овој систем на нација и повторно да ги претвориме овие држави-нации во пријателски демократии, или треба да излеземе со нова стратегија што ја претставува реалноста дека системот на држава-нација во Сирија, е скршен. Ова важи и за Ирак и не гледаме знаци дека тамошниот систем наскоро ќе биде повторно изграден“, кажа Кристофер Хармер, поранешен командант во Американската морнарица, виш аналитичар во Институтот за воени студии.
Засега, администрацијата на претседателот Обама се чини дека е фатена некаде во средината.
САД во моментов во Ирак имаат околу 3.500 војници, од кои повеќето ги поддржуваат напорите на ирачката армија за соборување на Исламската држава, но во советодавна мисија.
Порано месецов, Пентагон соопшти дека ќе испрати „100-тина специјализирани експедициски војници, за операции врз клучни лидери на ИД, како и командни и контролни елементи во Ирак и Сирија.
Воедно, САД предводат со воздухопловната кампања врз Исламската држава во Ирак и Сирија, изведувајќи речиси 80 проценти од преку 8.900-те воздушни напади.
Истовремено, актуелната Влада не одговара на повиците за поактивна улога на американските копнени сили на теренот, инсистирајќи дека единствениот начин да им се нанесе траен пораз на милитантите на ИД, е преку ангажирање на локалните копнени сили, како и преку политички решенија кои на етничките и секташките групи во регионот, ќе им дадат право да го изразат своето мислење.
Владиниот ограничен пристап не беше пријатно прифатен од одредени законодавци, како претседавачот на Сенатската комисија за вооружени служби, Џон Мекејн, којшто кажа дека пристапот на администрацијата повеќе наликува на надеж, отколку на стратегија.
Сепак, дури и оние кои ја критикуваат стратегијата на претседателот Обама, предупредуваат дека нема да биде лесно да се изнајде вистинско решение, зашто многу е лесно и работите да појдат во погрешна насока.
„Треба да бидеме внимателни во креирањето на пропаднати држави, како што направивме во Либија и потоа да гледаме како се претвораат во нешто уште полошо, како ИСИС“, изјави поранешниот директор на ЦИА, Вулси.
„Штом една држава ќе колабира, како што беше случајот со Либија, на пример, тешко е да се спојат работите на кохерентен начин“, додаде овој експерт.