Линкови за пристапност

Фејсбук работи на транспарентноста


"На нашата платформа се случија работи кои не требаше да се случат", изјави оперативната директорка на Фејсбук, Шерил Сандберг

Главната оперативна директорка на Фејсбук, Шерил Сандберг, рече дека „апсолутно“ го поддржува објавувањето на сите реклами што биле создадени од организација поврзана со Русија, во периодот на претседателските избори во 2016–та година.

Сандберг кажа дека компанијата „работи на транспарентноста“ по откритието од минатиот месец, во кое се наведува дека група поврзана со руската влада објавила реклами на Фејсбук вредни 100.000 долари, промовирајќи каузи кои предизвикуваат „поделби“, како што е движењето „Црните животи се важни“ (Black Lives Matter).

„На нашата платформа се случија работи кои не требаше да се случат“, рече Сандберг за време на интервјуто со Мајк Ален од „Аксиос“.

Денес таа се среќава со конгресните истражители кои работат на случајот со рекламите коишто се појавија во 2015-та година, продолжија годинава, а можеби имале улога и во претседателските избори во 2016-та.

Рекламите вредни 100.000 долари претставуваат мала сума, во споредба со 2,3 милијарди долари потрошени од страна на претседателот Доналд Трамп и демократската кандидатка Хилари Клинтон за време на изборите.

Конгресот започна со повеќекратни истраги во обид да утврди каков ефект имало наводното руското мешање во изборите во САД.

Покрај тоа, поранешниот директор на Федералното истражно биро, Роберт Мулер, спроведува истрага во која е вклучена и кампањата на претседателот Трамп за можната соработка со руските оперативци во текот на изборната кампања. Трамп негираше дека соработувал со Русите.

Фејсбук претходно се согласи до Конгресот да достави илјадници реклами кои се нашле на Фејсбук.

Како одговор на руското рекламирање, Сандберг рече дека Фејсбук ќе ангажира 4.000 нови вработени за надгледување на рекламите и содржините. Таа додаде дека компанијата исто така користи „машини и автоматизација“ за откривање на профилите кои шират лажни вести.

Сандберг вели дека стотици лажни профили поврзани со Русија биле користени за дистрибуција на реклами, но дека ако тие реклами биле поставени од легитимни корисници, „ние би овозможиле да се објават“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG