Линкови за пристапност

Фејсбук ќе ги суспендира политичките реклами од 27 октомври до изборната ноќ


Експертите велат дека интернет компаниите се под притисок да направат поголема контрола врз дезинформациите отколку што направиле за време на изборите во 2016

Интернет гигантите Твитер, Фејсбук и Гугл изгледа дека ја зголемуваат контролата пред изборниот ден во САД во ноември.

Тоа предизвика реакција кај републиканците, кои велат дека компаниите наводно прават пристрасни одлуки да се лимитира конзервативниот говор.

Твитер, каде претседателот Доналд Трамп има повеќе од 87 милиони следбеници, неодамна воведе предупредувања за некои од твитовите на претседателот за коронавирус и гласање по пошта.

Минатата недела, Твитер привремено блокираше твит на кампањата на Трамп, поврзан со текст за неговиот демократски противкандидат Џо Бајден. Фејсбук, исто така, воведе мерки да се ограничи ширењето на оваа сторија.

За време на викендот, Твитер блокираше објава на Скот Атлас, специјален советник на претседателот, кој преку твит ја доведуваше во прашање ефективноста на наредбите за носење маски.

Компаниите воведуваат мерки и за други прашања. Јутјуб, кој е во сопственост на Гугл, и мобилната апликација Тикток, воведоа контрола врз теорите на заговор на движењето Кјуенон. Фејсбук рече дека ќе ја отстрани содржина која го негира Холокаустот.

Фејсбук, исто така, ќе ги суспендира новите политички реклами од 27 октомври до изборната ноќ.

Гугл ќе го лимитира начинот на кој може да се таргетираат политичките реклами. Твитер, пак, минатата година најави дека нема да прифаќа политички реклами.

Експертите велат дека причината зошто компаниите сега ги воведуваат овие мерки, е тоа што Фејсбук и Твитер се под притисок за подобра контрола врз дезинформациите за разлика од 2016 година, кога беа критикувани дека не направиле доволно да ги стопираат дезинформациите на нивните страници.

Како што изборите се доближуваат, експертите велат дека ќе биде голем предизвик за интернет компаниите да докажат дека имаат добра контрола врз моќните мрежи кои ги изградиле.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG