Линкови за пристапност

Фејсбук најавува промени по скандалот за злоупотреба на кориснички податоци


Дали тоа ќе ја врати довербата во гигантот на социјалните медиуми?

Сега, кога директорoт на Фејсбук Марк Цукерберг, јавно зборуваше за контроверзата на податоците на компанијата, главното прашање останува - дали најавените промени ќе бидат доволни за да се врати довербата на јавноста во гигантот на социјалните медиуми?

Во серија интервјуа, Цукерберг се обиде да ја одбрани политиката за управување со корисничките податоци, кога компанијата во 2015-та година открила дека податоците на 50 милиони нејзини корисници биле споделени со „Кембриџ аналитика“ (Cambridge Analytica), консултантска служба којашто обезбедува совети за политичките кампањи, прекршувајќи ги правилата на Фејсбук.

Тој се извини и контроверзата ја нарече „големо кршење на довербата“.

Конгресните лидери веќе го повикаа Цукерберг да сведочи во Конгресот нешто што, како што вели, и претходно сакал да го направи, доколку е „вистинската личност“ да се добијат одговорите.

Одредени критичари на Фејсбук тврдат дека компанијата, која се потпира на приходите од реклами, нема капацитет или не е подготвена да ја ревидира политиката, со што би се подобрила приватноста на корисниците. Фејсбук има потреба од некој вид регулативен надзор, велат тие, или нови закони за личните податоци на корисниците.

Во меѓувреме, моделот за приходи на компанијата, како што кажа нејзиниот прв човек, е тука, за да остане.

„Сметам дека е важно да постои ваква услуга, што може да ја користи секој ширум светот, а единствениот начин да се стори тоа е да биде евтина или бесплатна“, изјави Цукенберг за Њујорк тајмс.

Со помош на експертска ревизија, Фејсбук планира да ги испита сите „големи апликации“ или „илјадници од нив“, според проценката на Цукерберг, кои ги презеле податоците во 2014-та година.

Ова ги вклучува корисниците чии податоци биле земени од истражувач и доставени на „Кембриџ Аналитика“. Фејсбук планира да ги информира засегнатите корисници. Консултантската компанија негираше дека неправилно ги употребила податоците.

Ако инвеститорот не сака да се придржува кон ревизијата на Фејсбук, тогаш компанијата ќе го забрани од социјалната мрежа, додаде Цукерберг.

„Дури и ако се реши проблемот, сепак останува прашањето: Дали постојат други компании како „Кембриџ аналитика“? Тоа треба да го ставиме под контрола“, кажа тој.

Дополнително, Фејсбук планира да го отстрани пристапот на инвеститорот до корисничките податоци, доколку во период од три месеци, никој не ја користел неговата апликација. Компанијата воедно најави дека планира намалување на бројот на информации, коишто можат да се приберат со логирање на корисниците.

Фејсбук планира и олеснување на процесот на увид, за секој кој има пристап до неговите податоци и да укине одредени дозволи.

Чекорите имаат за цел да го ограничат она за што критичарите веќе долго време се жалат, а тоа е улогата на Фејсбук да овозможи тековно собирање на повеќе кориснички податоци отколку што навистина е потребно.

Во моментов, компанијата има преку две милијарди корисници.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG