Линкови за пристапност

Фејсбук контроверза - кои снимки на обезглавување може да се објават?


Социјалната мрежа по редица критики ја појасни својата политика.

Фејсбук се најде среде контроверза за слободата на изразување, во обидот да одреди кои видео-снимки од обезглавување може да се објават.

Социјалната мрежа, која има преку милијарда корисници од цел свет, во мај забрани вакви снимки со образложение дека предизвикуваат психолошки последици за помладите лица. Но, компанијата со седиште во САД неодамна ја укина забраната, објаснувајќи дека ја менува политиката, така што корисниците би можеле да споделат вести за настани од светот, меѓу што и за терористички напади и прекршувања на човековите права.

Но, веднаш потоа, Фејсбук се најде на мета на критики поради снимка на обезглавување на жена за која се претпоставува дека западнала во бранот на насилство на мексиканските наркотички банди. Британскиот премиер Дејвид Камерон се приклучи на критиките и смета дека компанијата неодговорно одобрила поставување на грозоморни снимки, особено без предупредување за корисниците пред да ги погледнат. Доцна синоќа, Фејсбук ја повлече снимката во прашање и ја појасни својата политика, велејќи дека снимките со насилство се прифатливи доколку се „од јавен интерес или пак причина за загриженост“, при што корисниците ги осудуваат извршителите на насилството. Згора на тоа, социјалната мрежа најави и дека ќе продолжи да ги отстранува снимките што се поставени од „садистички причини или пак што воспеваат насилство“.
XS
SM
MD
LG