Линкови за пристапност

Само вежбање не помага за намалување на тежината


Ново истражување покажува дека вежбањето е добро за здравјето, но не помага во губење килограми

Лоши вести за оние кои се` уште се обидуваaт да намалат некој килограм после празниците. Вежбањето можеби нема да помогне. Ново истражување покажува дека вежбањето е добро за здравјето, но, не помага во губење килограми.

Овој заклучок на Херман Понцер, антрополог од колеџот Хантер во Њујорк, произлегува од поранешни студии на кои тој и неговите колеги работеле додека набљудувале племе во Танзанија.

„Работев на проект за мерење на потрошена енергија за време на лов на племето наречено Хадза, луѓе кои живеат во северниот дел на Танзанија. Тие немаат машини за земјоделство или слично. Многу се активни секој ден, пешачат многу, ловат дивеч и собираат дива растителна храна“, вели Понцер.

Тој очекувал членовите на племето да потрошат многу повеќе калории поради нивната екстремна физичка активност. Но, тоа не било случај.

Истражувачите потоа одлучиле да ги споредат нивоата на потрошена енергија на група луѓе од модерниот, удобен свет.

Тие ги следеле потрошените калории кај повеќе од триста Американци и Европејци кои се вклучени во различни нивоа на физичка активност. Вклучиле многу активни поединци, умерено активни и оние кои вежбаат малку или воопшто не вежбаат.

Истражувачите го одредувале нивното трошење на енергија со мерење на количината на јаглероден диоксид што секој учесник го произведувал. Поголема активност, поголемо произведено количество на јаглероден диоксид.

Истражувачите утврдиле дека времетраењето на физичката активност не влијае на согорувањето на калориите.

„Просечното ниво на потрошена енергија, калориите што ги согорувате секојдневно е исто, без разлика дали сте само умерено активни или екстремно физички активни. Во тој случај ние не гледаме зголемување на калориите во текот на денот бидејќи телото се адаптира на зголемената активност, со цел да се задржи нивото на енергија и калории во текот на денот.“

Понцер вели дека истражувачите утврдиле дека умерено активните луѓе согоруваат околу двесте калории повеќе во текот на денот од мрзливите луѓе.

Но, додава дека не значи оти ако вежбањето не ви помага во симнување килограми, треба да запрете да вежбате и да запрете со физичката активност.

„Вежбањето е многу важно за здраво срце, здрави бели дробови и ум и помага за побавно стареење. Сите ние имаме многу голема корист од тоа. Но, ова покажува дека можеби вежбањето не е вистинскиот начин за симнување килограми или балансирање на килограмите што ги имаме.“

Понцер вели дека резултатите, објавени во весникот „Current Biology“ е уште еден доказ дека за да се биде здрав потребна е вистинска комбинација од исхрана и вежбање.

Исто така, може да значи дека нема многу корист од претерано вежбање и дека умереното вежбање е она на што треба да се придржуваме.

XS
SM
MD
LG