Линкови за пристапност

Европската Унија не е задоволна од степенот со кој државата се справува со корупцијата


ЕУ разочарана од темпото на справување со корупцијата
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:45 0:00

Европската Унија не е задоволна од степенот со кој државата се справува со корупцијата. Пораката дојде од врвниот претставник на ЕУ во земјава – амбасадорот Дејвид Гир. Острата изјава беше испорачана на работниот состанок за мониторинг на постигнувањата на институциите вклучени во справувањето со корупцијата. Гир побара и зајакнување на судските и капацитетите на обвинителство и држење на политиката настрана од нивната работа.

„Темпото на реформи во делот на владеење на право и борба против корупција останува разочарувачко. Во извештајот на Европската комисија има јасни насоки што треба да се прави и кои се приоритетите. Сите ги знаеме, но досега премалку е постигнато. Имаме ситуација во која во одредени судски предмети веќе се застаерени – значи треба судството и обвинителството да постапуваат независно, без никакви политички притисоци за да се повраи довербата на јавноста. Многу е важно да се зајакнат ресурсите на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Ова е потребно за да се зголеми бројот на правосилни пресуди за корупција на високо ниво вклучувајќи и конфискација на незаконски стекнат имот“, рече Дејвид Гир амбасадор на ЕУ.

Слабостите ги призна и вицпремиерката за добро владеење – Славица Грковска, чија задача е меѓу другото да ги координира активностите меѓу државните органи во справувањето со корупцијата. Таа ги критикуваше дел од институциите поради слабата имплементација на стратегијата за борба против корупцијата.

„За жал, последниот извештај на ДКСК покажува на слаба реализација на Стратегијата што не би смеело да се повтори. Сите овие сигнали јасно укажуваат дека секоја засегната институција мора сериозно да си го преземе својот дел од обврските и одговорностите и со целиот свој капацитет да се вложи во нивно исполнување, меѓу другото заедно со секоја институција. Институциите мора да бидат и поодговорни и поагилни зошто од вас зависи и од сите нас зависи прогресот на државата. Мора да ги знаеме мерките зошто го баравме ова заради тоа што мора да знаеме какви мерки и активности секоја институција треба да преземе...“, вели вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска.

Критиките на Брисел за слабите перформаси во борбата против корупцијата доаѓаат токму во период кога владата и мнозинството се под силен притисок поради договорот за коридорите 8 и 10 со „Бехтел-Енка“ кој се смета за потенцијален ризик за корупција. И, покрај реакциите на дел од јавноста, власта не отстапува.

„Коридорите 8 и 10 ќе почнат да се градат и ќе се изградат. Сите оние кои не сакаат да ја видат државата со модерна инфраструктура, ќе мора да ги разочараме. Овие коридори ќе ги има“, рече премиерот Ковачевски.

Но, интерсно е дека вицепремиерката Грковска која ги предводи напорите на државата за справување со корупцијата воопшто не била присутна на владината седница кога се разгледувал договорот со „Бехтел-Енка“.

„Не сум учествувала во Управувачкиот комитет ниту сум била дел од преговорите. Не. Тоа го водел сосема друг состав на Управувачки комитет, ниту пак бев во државата кога Договорот се разгледувал на седница на Влада“, рече Грковска.

Зделката која е најавено дека ќе тежи 1,3 милијарди евра ја доби американско-турскиот конзорциум преку носење специјален закон во собранието со кој се заобиколи законот за јавни набавки. Дополнително, во собранието се туркаат измени и дополнување на дури осум закони кои на „Бехтел-Енка“ ќе му овозможат низа финансиски поволности. Истовремено, договорот од повеќе од 400 страници владата го класифицираше на барање на изведувачот, иако парите што ќе ги добие „Бехтел-Енка“ се од џебот на граѓаните.

XS
SM
MD
LG