Линкови за пристапност

60 евра за мегават час е цената по која ЕВН ќе купува струја од ЕСМ


ЕСМ ќе покрие 85 отсто од потребите на ЕВН, останатите ќе мора да се купат на слободниот пазар. Колку ќе поскапи цената на струјата за крајниот потрошувач – граѓаните засега не може да се предвиди. Новата цена на струјата за домаќинствата ќе се донесе следната недела, а ќе важи од први јули

СКОПЈЕ – 60 евра за мегават час e цената по која универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ ќе ја купува струјата од ЕСМ. Понудата беше прифатена на денешниот тендер а новина е што овој пат ЕСМ ќе покрие 85 отсто од потребите за „ЕВН Хоум“ за малите потрошувачи а останатите 15 отсто ќе мора да ги купи од слободниот пазар по далеку повисоки цени. Колку тоа ќе влијае на поскапување на струјата за граѓаните засега не може да се предвиди.

На денешниот тендер биле одбиени понудите од компаниите „Дуферцо“, ЕСМ Продажба и „Соле 24“ за набавка на струја поради високата понудена цена и ќе има нов тендер наредниот месец со која ќе треба да се покријат останатите 15 отсто.

„За 85 проценти од потребите на Универзалниот снабдувач ЕВН Хоме, доби само една понуда, и тоа од компанијата АД ЕСМ со купопродажна цена на електрична енергија од 60 евра за мегаватчас, додека за 15 проценти од потребите на Универзалниот снабдувач, беа добиени три понуди, од компаниите Дуферцо МК, ЕСМ Продажба и Соле24, со понудени цени кои беа за околу два и пол пати повисоки, во однос на понудената цена на АД ЕСМ за 85 проценти од потребите. Управниот одбор на ЕВН Хоме донесе одлука да ја прифати понудата од АД ЕСМ за 85% од потребите, додека за останатите потреби од 15%, понудите на компаниите не беа прифатени од страна на ЕВН Хоме поради значително повисоките цени во однос на пазарните во моментот“, соопштија од ЕВН.

Идниот мандатар, Христијан Мицкоски, соопшти дека денес група пратеници од Коалицијата „Твоја Македонија“ во Собранието поднела законски измени на Законот за енергетика по скратена постапка со кои тврди дека ќе го спречи зголемувањето на цената на струјата за домаќинствата. Со овие законски измени домаќинствата кои се во првата и втората група нема да добијат зголемени сметки за струја и се очекува да нема значително зголемување и за потрошувачите во третата и четвртата група, односно тоа би се движело од 1 до 2 проценти.

„Имајќи предвид дека како идна влада не сакаме да се мешаме во работата на независните регулаторни тела, но исто така како идна влада имаме одговорност, а тоа го ветивме и пред граѓаните за време на кампањата за претседателските и парламентарните избори дека тие ќе бидат нашиот приоритет и стандардот на граѓаните ќе биде наш приоритет“, рече Мицкоски.

Министерот за економија во заминување Крешник Бектеши, на денешната прес-конференција на која даде отчет за сработеното во последните седум години кажа дека од 1 јули струјата нема да поскапи дека очекува Регулаторната комисија да донесе одлука во интерес на граѓаните но и дека очекува новата Влада да ја ревидира одлуката на техничката Влада со која е зголемена цената по која ЕСМ ја нуди струјата на универзалниот снабдувач и е намален процентот на покривање на потребите регулираниот пазар.

„Имавме став дека ЕСМ треба да покрива 100 отсто од потребите на универзалниот снабдувач, но тој став не се прифати во владината одлука. Во делот на цената и во делот на процентите ставовите се носат на затворена седница на Владата и јас немам право да ги кажувам јавно, но приближно се тие што се знаат во јавноста. Очекувам Регулаторната комисија за енергетика, која е независна институција, да донесе соодветна одлука што нема да биде на товар на граѓаните. Вчера или завчера го слушнав мандатарот Мицкоски и имајќи ги предвид фактите очекувам дека наредната Влада ќе ја ревидира одлуката се со цел да нема зголемување на цената на електричната енергија“, изјави Бектеши.

Претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимовски, за телевизија „Телма“ изјави дека со цена од 60 евра за мегават час и испорака на 85 отсто од вкупната потрошувачка цената на електричната енергија за домаќинствата односно крајните потрошувачи би можела да се покачи за 10 до 15 отсто.

Техничката Влада, на затворена седница донесе одлука да ја намали количината на струја која ЕСМ ќе ја продава на универзалниот снабдувач на 85 проценти а останатите 15 отсто да ги набавува од слободниот пазар како и цената по мегават час да се покачи од 57 на 60 евра.

Новата цена на струјата ќе се донесе следната недела, а ќе важи од први јули.

XS
SM
MD
LG