Европски претставници велат дека очекуваат претседателот Доналд Трамп, да ги повлече САД од Иранскиот договор, склучен во 2015-та година. Тој се очекува да најави повторно воведување на економските санкции против Техеран, што би значело прв чекор кон комплетно повлекување.
Трамп својата одлука ќе ја обелодени во 14:00 часот по локално американско време, во обраќање од Белата куќа. Ова беше едно од неговите ветувања за време на претседателската кампања во 2016-та година. Чекорот најверојатно ќе се оствари, иако европските сојузници, како францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел, при неодамнешните посети на САД се обидоа да го разубедат Трамп да се откаже од намерата.
Мерките, заедно со оние наметнати од Европската Унија и другите држави, првично беа воспоставени да извршат притисок врз Иран, со цел да се откаже од Програмата за развивање нуклеарно оружје.
Како дел од договорот со САД, Велика Британија, Кина, Франција, Русија и Германија, Техеран се согласи да ја ограничи нуклеарната активност, во замена за олеснување на санкциите.
Трамп истакна дека Договорот има големи пропусти, со оглед на тоа што не се осврнува на тестирањата на иранските балистички проектили или на воениот напредок на Техеран во Сирија, Јемен и на други места на Блискиот Исток.
Иран се закани дека доколку САД се повлечат, и Техеран ќе го стори истото. Сепак, денеска, иранскиот претседател Хасан Рухани, кажа дека неговата земја би сакала да ги продолжи своите „врски со светот“.
Facebook Forum