Линкови за пристапност

Европа очекува повеќе терористички напади


И покрај поразот на Исламската држава во Рака, француски и белгиски официјални лица не веруваат дека убиствата ќе запрат

Дали колапсот на Исламската држава во Сирија и Ирак и уништувањето на калифатот на терористичката група ќе има ефект врз регрутирањето и радикализацијата на Европејци и намалување на нападите спроведени од т.н. „волци самотници“?

Со завршувањето на акциите на курдските сили поддржани од САД во Рака, главното упориште на терористичката група во Сирија, ова прашање станува се` порелевантно. Но, француските и белгиските власти не веруваат дека нападите во Европа ќе престанат, барем не во догледна иднина.

Аналитичарите велат дека калифатот се користел за маркетинг и привлекување на странски регрути, како и за разликување на групата од ривалот Ал-Каида, која се спротивстави на основањето на Исламската држава и го исмеваше самоназначениот калиф, Абу Бакр ал-Багдади. Тие додаваат дека единствен начин терористичката група да остане релевантна и да го победи ривалот Ал-Каида е да врши чести напади врз западните држави.

Минатиот месец, Ал-Багдади го прекина 11 месечниот молк објавувајќи аудио снимка каде се потсмева на САД и ги повикува џихадистите да се борат против сирискиот режим, инсистирајќи дека Исламската држава „останува“ и покрај губењето на територијата. Тој ја повтори пораката на шефот за пропаганда на Исламската држава, Абу Мохамед ал-Аднани кој кажа дека држењето на територија е помалку важно од волјата за борба.

Но, поголем дел од фокусот на Ал Багдади беше славењето на нападите врз Запад, велејќи дека: „Америка, Европа и Русија живеат во состојба на терор“.

Говорејќи во август, откако Исламската држава веќе беше поразена во ирачкиот град Мосул и кога курдските сили започнаа со нападот врз Рака, францускиот претседател Емануел Макрон рече дека борбата против исламскиот тероризам е „врвен приоритет“ за Франција и дека тоа ќе остане така некое време.

Француски и белгиски официјални претставници велат дека Исламската држава е иновативна и дека покрај напорите за намалување на „виртуелното присуство“ на групата, таа е се` уште во состојба да шири пропаганда за мобилизирање на следбеници, тестирајќи нови идеи за она што тие го сметаат за тактички соодветно.

Аналитичарот Чарли Винтер вели дека медиумската војна на Исламската држава отсекогаш била важна исто колку и победите во Сирија и Ирак.

Во еден од трудовите на Меѓународниот центар за проучување на радикализацијата и политичкото насилство, кој е дел од Одделот за воени студии на кралскиот колеџ во Лондон, Винтер забележува дека „ производството и ширењето на пропагандата понекогаш се сметаат за поважни од воинствениот џихад“.

Тој додава: „Постоењето на Исламската држава бара активизам, без разлика дали доаѓа од оперативци или онлајн волонтери, на начин кој не бил спроведен од ниту една друга џихадистичка група“.

Дури и со губење на поголемиот дел од територијата, Исламската држава се` уште може да води информативна војна и да регрутира.“ Винтер вели дека „меѓународната заедница мора да биде подеднакво креативна и стратешка во својот пристап во контра информирањето.“

Целокупниот проблем на радикализација останува ист денеска, како што беше пред поразот на Исламската држава, предупредуваат официјални претставници и аналитичари. Поранешниот француски премиер Мануел Валс радикализацијата ја нарече „смртоносен социјален модел“.

Франција не е единствената држава што се соочува со предизвикот за разбирање на радикализацијата, ниту во напорите да развие ефективни начини на спротивставање. Шеснаесет години по нападите на 11 септември, западните влади целосно не ги разбираат механизмите на радикализацијата и зошто некои ја прифаќаат радикалната џихадистичка визија и изведуваат убиствени напади.

Социологот Фархад Хосрохавар, професор во Школата за напредни социолошки студии во Париз е загрижен што од страна на владите на радикализацијата сè уште се гледа како на предизвик за националната безбедност. Владите, тврди тој, не успеваат доволно да ги проучат долгорочните ефекти на стигматизација, социјално исклучување и деликвенцијата. Улогата на интернетот и затворените групи на социјални медиуми во формирањето на џихадистичките ставови и во создавањето на култот на она што тој го нарекува „негативен херој“ е само почеток на тоа разбирање.

Психолошките фактори исто така се клучни. На минатогодишна конференцијата во Лондон, тој истакна дека значителен број терористи кои извршиле напади биле дијагностицирани со депресија или други ментални болести.

Но, напорите за продлабочување на разбирањето на радикализација честопати се соочуваат со отпор од политичките лидери, особено кога тие се соочуваат со барање од јавноста за запирање на терористичките напади. Валс е познат по изјавата дека е уморен од „социјалните, социолошките и културните изговори“ за објаснување на џихадот. „Да се објасни е да се оправда“, рече тој.

Белгија и Франција се обидуваат да создадат програми за де-радикализација. Пред две години Франција започна со напори за спречување на радикализацијата на незадоволната младина. Но, напорите беа проблематични и планот за отворање на 13 центри за де-радикализација, по еден во секоја од 13-те области во Франција пропадна откако годинава беше затворен првиот експериментален центар, поради несогласување околу методите.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG