Шведска вели дека се подготвува да депортира околу 80.000 азиланти кои влегле во земјата за време на рекордниот бран бегалци минатата година.
Оваа цифра е половина од вкупно 163.000 луѓе кои влегле во Шведска бегајќи ја војната во Сирија, Ирак и Авганистан. Министерот за надворешни работи Андерс Игеман за шведски весник во четвртокот изјави дека бегалците ќе бидат депортирани бидејќи нивните барања за азил се одбиени. Одбиените апликанти ќе имале можност сами да ја напуштат земјата или присилно ќе биле вратени дома.
Шведска беше привлечна дестинација за бегалците поради нејзината долгогодишна политика на отворени граници. Но, големиот број бегалци го натера Стокхолм да ги зајакне граничните проверки.
Во меѓувреме, тела на најмалку 18 удавени бегалци по превртување на брод што ги превезувал биле пронајдени на брегот на грчкиот остров Самос. Властите велат дека десет луѓе биле спасени. Повеќето од удавените се деца.
Во средата, пак, тела на седуммина бегалци, од кои две деца, се пронајдени во близина на островот Кос.
Повеќе од еден милион луѓе од воено зафатените земји ја преплавија Европа минатата година, со што се создаде најголемата бегалска криза на континентот по Втората светска војна. Многу од нив пристигнале во Грција пловејќи од Турција преку Егејското море.