Линкови за пристапност

По патот на мигрантите


Правецот Западен Балкан

Во потрага по подобар живот, мигрантите од Африка и други места наоѓаат различни начини да стигнат до земјите на Европската унија. Агенцијата Асошиетед прес следеше една ваква група низ Балканот, на пат за Унгарија.

Групата од 40-тина пристигнала во Грција нешто порано годинава, по долго и опасно патешествие од нивните земји до Турција. Во Турција платиле по 500 долари за премин преку море. Нивниот водач, од Брегот на Слоновата Коска, се нафатил да управува со преполниот брод до грчки остров, во замена за сопствениот бесплатен премин. Сега ја води групата низ Македонија, долж железничката пруга. Дестинацијата е Унгарија, од каде мигрантите се обидуваат да влезат во Германија, Франција и други западноевропски земји без виза или пасош.

„Потребна е голема храброст затоа што има многу препреки. Европа е голема, патот има многу аспекти. Илјадници нешта додека стасате до Франција, на пример“, раскажува Жан-Пол Апети, мигрант од Брегот на Слоновата Коска.

Луѓето во оваа група се од Брегот на Слоновата Коска, Мали, Камерун и Буркина Фасо. Патот низ непознатото е полн со опасности, но велат дека се исплати, затоа што на неговиот крај гледаат надеж за подобар живот.

„Повеќето сме од Африка. Има многу проблеми на нашиот континент – лоша економија, лоша политика, нема работа. Со диплома, но без работа“, се жали Фидел Кастро Чимана, мигрант од Конго.

Според Фронтекс, агенцијата на ЕУ задолжена да им помогне на земјите-членки да ги зајакнат порозните граници, преку правецот Западен Балкан во 2014-та илегално минале преку 43.000 лица. Тоа за повеќе од половина од претходната година. Во првите два месеца од оваа година, пак, по истиот пат во Унгарија пристигнале 22.000 лица - потврдени случаи.

„Знаеме дека го кршиме законот кога вака ја минуваме границата. Кога тајно влегувате, се чувствувате како криминалец. Не може да се опише чувството“, наведува Хиларион Шаремањ, мигрант од Брегот на Слоновата Коска.

Патувањето под превезот на ноќта не е гаранција дека ќе биде посигурно. Македонската полиција токму ноќе спровела акција, фатила поголем дел од групата и ги депортирала тие лица во Грција.

„Патувањето е претешко. Да знаев дека ќе беше вака, немаше да тргнам. Не можам веќе да одам вака“, вели Мириел Џукам, мигрантка од Камерун.

Таа барем го сочувала бебето коешто го родила во Грција. За време на полициската акција во Македонија, друга жена од Брегот на Слоновата Коска се разделила од бебето кошето го родила на патот низ Турција. Тоа, со неколкумина други луѓе од групата, успеало да влезе во Србија.

XS
SM
MD
LG