Европејците генерално на Исламската држава гледаат како на најголема закана за нивните држави, се вели во најновата студија на Центарот Пју со седиште во Вашингтон, насловена како, „Европејците се соочуваат со поделен свет“.
Климатските промени се втора најголема грижа, по што следи бранот бегалци кои во Европа се обидуваат да дојдат од Ирак и Сирија.
Само 17% од испитаниците во 10 европски држави, велат дека Исламската држава е мала закана и 3% сметаат дека терористичката организација не претставува никаква закана по нивната држава.
Терористичките напади во Париз и Брисел изминатава година придонесоа тероризмот да биде на врвот на листата грижи за Европејците, а обезбедувањето ширум континентот и натаму е на високо ниво.
Сепак, повеќето од нив не мислат дека трошоците за одбрана треба да се зголемат, стравувајќи дека зголеменото воено присуство за борба против тероризмот само води кон поголема омраза, што пак ќе придонесе за зголемување на насилството, се наведува во студијата.
Брисел беше цел на терористите на Исламската држава во март. Во бомбашките напади на градскиот аеродром и подземна железница загинаа 32 лица. Исламската држава го нападна и Париз. Во ноември минатата година загинаа 130 лица.
Според студијата на Центарот Пју, мнозинството Европејци сакаат ЕУ на глобално ниво да игра поголема улога, а тука е и критиката дека Унијата не се справила најдобро со бегалската криза и економските проблеми на континентот.
Испитаниците се подеднакво поделени околу начинот на кој ЕУ се справува со Русија.
Оваа студија, како и неколку претходни, покажуваат дека многумина Европејци можно е да сакаат да го следат примерот на Британија за излез од ЕУ или во најмала рака да им се даде поголеми овластувања на поединечните држави.
Дури и во Велика Британија, којашто наредната недела на референдум ќе гласа дали да остане во ЕУ, 55% од анкетираните се изјаснија дека наредните неколку години Унијата треба да преземе поактивна меѓународна улога.